Европската унија следниот месец ја започнува почетната фаза од својот план за воведување на првиот светски прекуграничен данок на јаглерод. Од увозниците во ЕУ ќе се бара да ги пријават емисиите на јаглерод диоксид (CO2) на производите што се продаваат во Европа, како што се челикот и цементот, пишува Reuters.
Целта на новиот режим е да се заштитат домашните индустрии на ЕУ од странските конкуренти кои повеќе загадуваат, додека тие инвестираат во технлогии за намалување на штетните емисии.
ЕУ од 2026 година ќе почне и официјално да ја наплаќа т.н. јаглеродна давачка при увозот на стоки чие производство е поврзано со високи емисии на СО2.
Турција, Украина, Кина и Русија се очекува да имаат најголеми количини на извоз погодени од данокот на CO2, но погодени ќе бидат и извозните индустрии од земјите од Западен Балкан и Македонија.
Од октомври, пробната фаза на давачката за CO2 ќе бара од компаниите кои увезуваат челик, цемент, алуминиум, електрична енергија, ѓубрива и водород во ЕУ да ги пријават емисиите вклучени во производството на тие стоки.
Компаниите ќе се соочат со казни до 50 евра по тон CO2 доколку не пријават. Од 2026 година, ќе се применува такса за CO2 за стоки внесени во ЕУ.
Граничната такса нема да важи за увоз од земји со цена на CO2 еднаква на онаа на ЕУ.
Таксата на ЕУ, исто така, дозволува исклучоци за земјите кои се соочуваат со неиспровоцирани ситуации кои ја уништуваат инфраструктурата.
„Во догледно време ќе се процени дали оваа клаузула може ефективно да се справи со исклучителната ситуација на Украина“, рече претставник на Европската комисија.
ЕДНАКВИ ТРОШОЦИ
Брисел се надева дека граничната давачка може да ги поттикне странските компании да ги намалат емисиите за да ја избегнат таксата за CO2.
Странските компании – и владите вклучително и Кина – предупредија на други последици.
Генералниот секретар на кинеската асоцијација за железо и челик, Џианг Веи, рече дека оваа мерка може да ја зголеми цената на извозот на кинескиот челик во ЕУ за 4% до 6%.
Увозниците може првично да ги користат стандардните вредности за да го пресметаат отпечатокот на CO2 на стоката доколку добавувачите не дадат прецизни податоци. Првите извештаи треба да бидат објавени во јануари.
Европските индустрии го повикаа Брисел да се погрижи оваа попустливост да биде само привремена.
Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (анг. Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) е нова регулатива на Европската унија, донесена во јуни 2022 година и претставува мерка за справување со климатските промени. Со оваа регулатива се воведува т.н. јаглеродна давачка при увоз на производи во ЕУ чие производство е поврзано со високи емисии на јаглерод диоксид. Иницијално, механизмот за јаглеродно гранично прилагодување се однесува на пет групи производи: железо и челик, алуминиум, цемент, вештачко ѓубриво и електрична енергија.