Германија е најголем извозник на медицински производи во светот, Кина и Сингапур се лидери во извозот на заштитни маски и респиратори, а најмногу се царинат сапуните во време на пандемијата со „Ковид 19“, покажува извештајот на Светската трговска организација (СТО).
Вкупниот извоз на лекови, медицинска опрема, производи за лична нега и медицински материјали достигна 996 милијарди долари во 2019 година. Тоа е за 6% повеќе од претходната 2018 година.
Германија е најголем извозник во светот со вредност на извозот од 136,2 милијарди долари во 2019 година и учество од 14% на светскиот пазар. На второ место се САД со 116,6 милијарди долари и удел од 12%. Швајцарија е на третото место со извоз од 90 милијарди долари и 9% од глобалниот пазар.
Трите земји учествуваат со нешто повеќе од една третина во светскиот извоз на медицински производи, покажува извештајот на СТО.
Вредноста на увозот минатата година се зголеми за 5%, надминувајќи вредност од 1.000 милијарди долари. Така, вкупната вредност на глобалната размена на медицински уреди во 2019 година достигна околу 2.000 милијарди долари, што е еквивалентно на околу 5% од вредноста на вкупната глобална размена на стоки.
Најголем извозник на маски е Кина
Кина е седми извозник на целата група на извозници на медицински производи, но е најголем извозник на заштитни маски со учество од околу 25% на глобалниот пазар. Заедно со Германија и САД држат околу 50% од светскиот пазар или овие три земји ја произведуваат скоро секоја втора маска во светот.
Сингапур ја предводи малата група на земји извозници на респиратори и вентилатори, а зад него следат САД, Холандија и Кина. Заедно овие земји произведуваат повеќе од половина од овие медицински уреди за дишење во целиот свет.
Заради пандемијата со коронавирусот, болниците ширум светот имаат зголемена побарувачка за овие уреди, а многу земји во последниов месец организираат производство на одделни делови со 3Д печатење, со поддршка на компании од други сектори и организирани граѓански иницијативи.
Од занемарлив удел во размената до недостиг
СТО посебно објави податоци и за производи што недостасуваат во борбата против Ковид 19, според информациите од владите, меѓународните организации и медиумите.
Во нив влегуваат стерилизатори и средства за дезинфекција, заштитни маски, ракавици, сапуни и санитарни течности, монитори за следење на состојбата на пациентите, уреди за мерење на пулсот, заштитни очила и визири, стерилизатори, топломоери, ултразвучни и рендген машини, респиратори, маски за кислород и уреди за компјутерска томографија.
Минатата година беа извезени и увезени вкупно 597 милијарди долари, што е само 1,7% од глобалната размена на стоки, покажуваат податоците на СТО.
Највисоки царините за сапун
СТО исто така укажува на големите разлики во царините за различни групи производи, важни за превенција и третман на „Ковид 19“.
Опсегот на царините се движи од 2,1% во просек за лекови до над 3,4% за опрема како што се респиратори, микроскопи и скенери, па се до 11,5% за производи за лична заштита како што се маски, ракавици и наочари. Во некои земји царината за оваа група производи достигнува и до до 27%.
СТО посочуваат дека просечната царина за увоз на сапун е 17%, додавајќи дека во некои земји таа надминува 50%.