Shipping and Delivery Packages to North Macedonia: International Mail Service with Small Parcels on Vintage Map Background

Во текот на месец мај од Македонија биле извезени стоки во вредност од 745 милиони евра, што претставува неочекуван висок раст од 23,44%. Во мај годинава биле извезени за 141 милион евра повеќе стоки отколку во мај 2024 година, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.

Статистиката покажува дека ова е највисок раст на извозот во последните две и пол години, односно од октомври 2022 година.

Во изминатата година, пак, ова е втор раст на извозот, по растот од 5,1% во јануари 2025 година, додека во останатите 10 месеци извозот бележел пад.

На што се должи високиот раст на извозот?

Ако се анализира извозот во мај по земји, Германија е најголем извозен пазар со продажби од близу 276 милиони евра. По неколкумесечен пад на извозот во Германија, во мај се бележи раст од 12,8%.

Најголем процентуален пораст на извозот во мај е забележан во САД – дури 229%, со вредност од 24,8 милиони евра. Овој раст главно се должи на зголемениот извоз на автобуси на американскиот пазар од страна на ВДЛ Ван Хол, пред најавениот старт на американските царини во август.

Извозот кон Грција во мај е повеќе од двојно зголемен (119%), достигнувајќи 34 милиони евра, со што Грција станала трет најголем извозен пазар, надминувајќи ја Србија. Овој пораст се должи на значителниот раст на извозот на суров тутун произведен во Македонија, кој се извезува за доработка во грчките фабрики за цигари.

Голем раст од 71% или зголемување од 17 милиони евра е забележан и кај извозот во Унгарија. Според статистичките податоци, во мај годинава во Унгарија биле извезени стоки во вредност од 33 милиони евра, со што оваа земја станала петти најголем извозен пазар, надминувајќи го Косово.

Високи стапки на раст во мај се забележани и кај извозот во Белгија (67,5%), Полска (67,8%), Холандија (51,3%) и други. Од најголемите 30 извозни пазари, раст е забележан во 26, а пад во само четири пазари: Словенија, Босна и Херцеговина, Турција и Албанија.

Анализата по производи и индустрии исто така покажува широк раст, при што најголем пораст има кај извозот на:

  • тутун (140%),
  • автобуси (117%),
  • производи од метал (43,5%),
  • машини и транспортни уреди (40,5%),
  • облека (31,2%),
  • мебел (25,7%),
  • пијалоци (16%),
  • храна (11,7%) и други.

Увозот на стоки во мај изнесувал 967 милиони евра и бележи раст од 8,6% во споредба со истиот месец лани. Покриеноста на увозот со извоз во мај изнесувал високи 77,1%.

Вкупниот извоз за периодот јануари-мај годинава достигна 3,3 милијарди евра, раст од 3,5% во споредба со истиот период лани, додека увозот во истиот период е зголемен за само 1%. Со тоа трговскиот дефицит во првите пет месеци достигна 1,34 милијарди евра, намалување за близу 4% во споредба со истиот период лани, со покриеноста на увозот со извозот од 71%.

Државниот завод за статистика измери раст на индустриското производство во мај годинава од 9,4% и реален раст на БДП од 3,2% во првиот квартал.