Владата денеска информираше дека е објавен јавниот повик за доделување концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река, односно за изградба на хидроелектричната централа Чебрен.
„Во план е Чебрен да биде јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата. Проценките се дека изградбата ќе чини најмногу 570 милиони евра, средства кои ќе треба да ги обезбеди приватниот партнер. Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333 мегавати и годишно производство од 1000 гигавати електрична енергија. Наша обврска е изградбата на пристапниот пат до хидроцентралата и потоа приклучокот, односно трафостаницата. Како наш удел во новата заедничка компанија со приватниот партнер ќе биде внесена ХЕЦ Тиквеш, која е на истиот слив, односно на Црна Река и единствено можно е двете хидроцентрали, Чебрен и Тиквеш да функционираат во една целина бидејќи зафаќаат вода од исто течение и си влијаат една на друга“, информираше генералениот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Ковачевски верува дека Чебрен ќе овозможи во иднина да сe намалува производството на електрична енергија од јаглен, и постепено да се замени со производството од оваа голема хидроелектрана.
„За споредба, цело ЕСМ денес произведува 4000 гигавати годишно. Кога Чебрен ќе почне да работи, годишната редукција на јаглерод диоксид ќе се намали за 913 илјади тони помалку, бидејќи 1000 гигават часови електрична енергија нема да се произведат од јаглен, туку од вода“, изјави Ковачевски.
Тој најави дека заинтересираните компании ќе можат да се јават на јавниот повик до трети април, а тековните испитувања на пазарот на компании, спроведено од страна на Меѓународната финансиска корпорација, која е дел од Светска Банка, покажа дека сериозни компании од регионот и Европа се заинтересирани за изградба на Чебрен.
Со оглед на тоа што во сите држави во регионот инвестициите во обновливи извори на енергија се зголемуваат, оваа хидроцентрала со својот капацитет ќе биде од огромно значење за балансирањето на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регионалниот пазар.
„Јавниот повик се однесува на пројавување на интерес на заинтересирани компании кои ќе сакаат да го изградат ХЕЦ Чебрен во соработка со АД ЕСМ, преку моделот на јавно приватно партнерство. Од информациите што ги добив денес, веќе седум странски компании побарале да ја подигнат претквалификациската документација која во оваа фаза е бесплатна“, информираше премиерот Оливер Спасовски, кој сподели информација дека веќе 7 странски компании побарале да ја подигнат претквалификациската документација.
Владата на Република Северна Македонија на крајот на 2019 година ја донесе и Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година, која е изработена врз основа на 5 те столба на енергија и клима на Европската Унија и како таква е поздравена од Секретаријатот на енергетската заедница во Виена.
Оваа недела стапи на сила новиот Закон за енергетска ефикасност, кој комплетно е во согласност со најновите ЕУ Директиви.