Фото: ukrinform.net

Македонската Влада на денешната седница ја усвои Информацијата во која Министерството за транспорт и врски на Република С.Македонија и Министерството за инфраструктура на Украина се договорија превозниците од двете земји превозот на стока во патниот транспорт, во билатерала и транзит да го вршат без дозволи. Договорениот транспорт без дозволи ќе трае до крајот на годината, по принципот на реципроцитет за двете земји.

“Во време на воена состојба во Украина ова е еден чекор кон олеснување на транспортот на македонските и украинските транспортери во двата правци со цел полесно пристигнување на храна, лекови, гориво кон крајните потрошувачи”, се вели во информацијата на Владата.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трговијата помеѓу двете земји во првата половина годинава изнесувала 91,6 милиони евра, со дефицит на македонска страна од 33,6 милиони евра.

Во периодот од јануари до јуни годинава во Украина биле извезени стоки во вредност од 29 милиони евра, што е повеќе отколку извозот во текот на целата 2021 година, кој изнесувал 15,5 милиони евра.

Во истиот период во Македонија биле увезени украински стоки во вредност од 62,6 милиони евра.

Речиси една третина од вкупниот извоз во вредност од 8,2 милиони евра отпаѓа на извозот на зеленчук, при што најголем извоз е остварен со продажбата на зелка во врендост од 6,6 милиони евра. Освен зелка на украинскиот пазар во првата половина годинава се извезувале компир, замрзнат зеленчук, морков и домат.

>> ПОВРЗАНИ ВЕСТИ <<


После зеленчукот, втора најголема група со извоз вреден 6,6 милиони евра се керамичките производи за лебараториска, хемиска и техничка употреба. Околу 5,3 милиони евра изнесувал извозот на заштитни елеци, додека 4 милиони евра се од продажба на заштитни шлемови. Во првата половина годинава во Украина е реализиран и извоз на лекови од Македонија во врендост од 2,8 милиони евра.

На страната на увозот, најголем дел во вредност од близу 42 милиони евра отпаѓа на железо и челик. Следи увозот на масла од сончоглед во вредност од 8,6 милиони евра, производи од железо и челик во вредност од 2,2 милиони евра и дрвен јаглен во вредност од 1,2 милиони евра.