Трговската размена со Украина и Русија во првите три месеци годинава бележи зголемување, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Според обемот на трговската размена, Русија е 9-ти, а Украина 20-ти по големина трговски партнер за македонската економија.
Македонскиот извоз во Русија во овој период бележи намалување од 24%, додека извозот во Украина е поголем за три и пол пати споредено со извозот реализиран во истиот период лани.
На страна на увозот, во периодот јануари-март 2022 година има зголемување на увозот и од Украина и од Русија.
Најновите статистички податоци покажуваат дека во првите три месеци од 2022 година македонските компании во Украина извезле производи во вредност од 9,5 милиони евра, што е три и пол пати повеќе во споредба со истиот период лани, кога на украинскиот пазар бил остварен извоз во вредност од само 2,5 милиони евра.
Колку за споредба со текот на целата измината 2021 година извозот од Македонија во Украина инесувал 15,5 милиони евра.
Најголем извоз во првите три месеци во Украина во вредност од 2,7 милиони евра е остварен со извозот на заштитни елеци и појаци. Втора најголема извозна ставка во вредност од 2,5 милиони евра се керамички производи за лабараториска, хемиска или друга техничка употреба. Извозот на лекови во првите три месеци изнесувал 1,86 милиони евра. Следи извозот на заштитни кациги и шлемови во вредност од 1,2 милиони евра, извозот на електрични акумулатори во вредност од 409 илјади евра. Од зеленчук била извезена зелка во вредност од само 304 илјади евра.
Извозот во Русија, пак, во првите три месеци годинава е намален за близу 24%, на 11 милиони евра, од извозот од 14,5 милини евра остварен во истиот период лани.
Повеќе од половина од извозот на рускиот пазар во овој период или 5,8 милиони евра отпаѓа на извозот на лекови. Следи извозот на зеленчук во вредност од само 2 милиони евра, извозот на овошје во вредност од 1,9 милиони евра и извозот на електрични акумулатори во вредност од 328 илјади евра.
Увозот од Украина зголемен за 45%, до Русија дури за 300%
Во периодот јануари-март 2022 година од Украина биле увезени производи во вредност од 48 милиони евра, што е за 44,8% или близу 17 милиони евра повеќе во споредба со истиот период во 2021 година.
Речиси целиот увоз од Украина во овој период отпаѓа на полупроизводи од железо и челик во вредност од 41 милион евра и челични производи во вредност од 1 милион евра. Од Украина годинава бил увезен на дрвен јаглен во вредност од 660 илјади евра, минерални горива и масла во вредност од 643 илјади евра, палмино масло во вредност од 365 илјади евра.
Увозот, пак, од Русија во првите три месеци годинава бележи зголемување за дури 300% или 84 милиони евра, достигнувајќи 112 милиони евра. Големиот раст на увозот се должи пред се на зголемувањето на цената на нафтените деривати, на кои отпаѓа дури 80% од целиот увоз од Русија во овој период. Вредноста на увезените нафтени деривати од Русија во првите три месеци годинава изнесува 91 милион евра.
Втора најголема ставка во вредност од 13 милиони евра се полупроизводи од железо и челик, а околу 3 милиони евра е вредноста на увезените азотни и минерални ѓубрива од Русија.