Во трговијата со храна со светот имаме 200 милиони евра дефицит само во првите пет месеци и покриеност на увозот со извозот на храна од ниски 48,8%. Минатата 2022 година увозот на храна достигна близу 900 милиони евра, а дефицитот надмина рекордни 443 милиони евра.
Во првите пет месеци годинава во земјава е извезена храна во вредност од 190,7 милиони евра. Во истиот период сме увезле храна од странство во вредност од 390 милиони евра. Тоа значи дека во трговијата со храна со странство земјата имала дефицит од 200 милиони евра и многу ниска покриeноста на увозот со извоз од само 48,8%.
И покрај тоа што податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека извозот на храна вредносно во првите пет месеци пораснал за 10,8% или за 18,6 милиони евра, количината на извезени прехранбени производи во овој период е помал за 9,4% во споредба со истиот период лани.
Од друга страна, увозот на храната во периодот од јануари до мај годинава се зголемил за близу 50 милиони евра, што е раст од 14,4% во споредба со истиот период лани. Количината на увезената храна била помала за 6,1%, што знали дека за помалку храна сме платиле повеќе.
Ако се анализира извозот на храна во овие пет месеци најголемиот дел или 83 милиони евра отпаѓа на извозот на зеленчук и овошје. Во периодот од јануари до мај сме увезле овошје и зеленчук од странство во вредност од 64,3 милиони евра.
Втора најголема ставка во извозот се жита и преработки од жита, со вредност на извоз од 43,3 милиони евра. Во истиот период сме увезле жита и преработки од жита од странство во вредност од 57,2 милиони евра.
Трета најголема ставка во извозот на храна во првите пет месеци се месото и преработки од месо во вредност од 19 милиони евра. Во истиот период од странство сме увезле месо и преработки за месо во вредност од 81 милион евра.
Ако се анализира извозот на храна во изминатата 2022 година тој достигна 450 милиони евра, додека увозот на храна достигна историски највисоки 894 милиони евра. Дефицитот во трговијата со храна со светот лани достигна највисоко ниво од 443 милиони евра. Покриеноста на увозот со извозот на храна во 2022 година изнесуваше 50,4%, што е најниско ниво во последните 10 години.
Од кои земји најмногу увезуваме, а каде најмногу се продава македонската храна?
Анализата на извозот и увозот на храна по земји покажува дека трговијата со храна со Србија е најголема и таа е прва на листата на најголеми извозни пазари, но и на листата најголеми увозници.
Најголеми извозни пазари за македонската извозна храна во првите пет месеци годинава покрај Србија биле и Косово, Хрватска, Италија, БиХ, Бугарија, Полска, Украина, Германија и Романија.
Најмногу храна во периодот од јануари до мај годинава сме увезувале од Србија, Германија, Италија, Полска, Бразил, Грција, Хрватска, Турција, БиХ и Австрија.