Војната во Украина и нарушувањата во синџирите на снабдување кои ги предизвика пандемијата на Ковид 19 беа главните причини заради кои цените на храната достигнаа рекордно највисоко ниво. Се зголемија цените на житарките, млечните производи, маслата за јадење, месото и речиси сите суровини за производство на храна.

Реалната состојба покажува дека домашното производство на одредени прехранбени производи во земјава не е доволно за да се задоволи домашната потрошувачка во текот на целата година, па мора голем дел од храната и да се увезува од странство.
Клучниот проблем со кој изгледа не сакаме како држава да се соочиме е што Македонија станува се позависна од увоз на храна. Податоците покажуваат дека увозот на храна секоја година станува се поголем, додека домашното производство на клучните прехранабени производи се намалува.

Рекордно скапата храна го “набилда” увозот на историски највисоко ниво


Обединетите Нации (ОН) предупредија дека скапата храна најмногу ги погодува земјите кои се увозно зависни од храна и посиромашните земји, кои се принудени да плаќаат многу повеќе за увоз на потребната храна.
Таков е случајот и со Македонија. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека иако лани количински сме увезле помалку храна од странство, трошоците за храна се зголемиле.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат во текот на изминатата 2022 година сме увезле храна во рекордно најголема вредност од 894 милиони евра. Тоа е зголемување за 20% или за 148 милиони евра во споредба со вредноста на увезената храна претходната 2021 година.

Статистиката покажува дека количината на увезени прехранбени производи лани била помала за 6,7% од увезената храна во 2021 година. Што значи дека за помалку храна сме морале да платиме многу повеќе.

Ако се спореди со пред 10 години, увозот на храна од странство е зголемен за 74%. Или за увезената храна од странство како држава плаќаме 381 милиони евра повеќе отколку што сме плаќале пред 10 години.


Каква храна најмногу сме увезувале лани?

Анализата на податоците за увозот на храна во минатата 2022 година покажуваат дека најголема ставка во увозот на храна е месото. За увоз на месо од странство лани сме морале да платиме 148 милиони евра, за 26% повеќе во споредба со претходната година иако биле увезени помалку количина за 5,2%. Најголем дел од увозот на месо отпаѓа на увозот на пилешко и друго месо од живина чија вредност достигна рекордни 62 милиони евра, што е раст за 36% во споредба со претходната година, иако увезените количини биле помали за 3,2%. За увоз на свежо и замрзна говедско месо лани сме морале да платиме близу 52 милиони евра. Увозот на свинско месо, пак, лани изнесувал близу 49 милиони евра.

Втора најголема ставка во увозот на храна лани е увозот на растителни и животински масла. Вредноста на увозот на овие производи лани се зголемила за 34,3%, достигнувајќи близу 98 милиони евра, иако количински се увезле 5,2% помалку производи. Најголем дел или 62 милиони евра отпаѓаат на увоз на масла од сончогед, при што вредноста на увозот за една година се зголемила за 34,9%, а увезените количини биле помали за 4,9%.

Трета најголема ставка во увозот на храна минатата година биле млекото и млечните производи чија вредност достигна рекордни 81,5 милиони евра, зголемување од 24,5% за една година, иако увезените количини биле помали за 16% во споредба со претходната 2021 година. Само за увоз на сирење и урда од странство лани сме потрошиле 31 милиони евра, за 22% повеќе од претходната година, иако увезените колчини биле намалени за 11%.

Додека увозот на млеко и млечни производи руши рекорди, податоците покажуваат дека бројот на крави во Македонија се намалува, а производството е на најниско ниво во последните 10 години.

Четрта најголема ставка е увозот на производи врз база на жита, брашна, кондиторски производи во вредност од 79 милиони евра. Вредноста на увозот на овие производи за една година е зголемена за 19%, додека увезените количини пораснале само за 1,3%. Во оваа група најголем е увозот на кондиторски производи чија вредност само лани надмина 49 милиони евра, раст од 17% за една година, иако количинскиот увоз пораснал за само 1,7%.
Вредноста на увезениот шеќер и производи од шеќер лани се зголеми за 30%, достигнувајќи 60 милиони евра. Во истиот период увезените количини биле помали за 13,8% во споредба со количините увезени во 2021 година.

Од табелата во продолжение можете да погледнете што се од храна сме увезувале во минатата година и колку пари се платени. (Вредноста на увозот на храна може да е и поголема од прикажаната, со оглед на фактот што неодамнешните инспекции покажаа дека увозниците на храна во Царинската управа приложувале лажирани фактури со понизок износ за да платат помала царина при увозот.


Од каде најмногу увезуваме храна?

Податоците за увозот според земји покажуваат дека Србија е најголем пазар за увоз на храна лани била Србија. Од северниот сосед лани сме увезле храна во вредност од 194 милиони евра, што е 22% од целиот увоз на храна.

Втора е Германија од каде лани сме увезле храна во вредност од 65,6 милиони евра.Следат Италија со увоз на храна од 57,6 милиони евра, Полска со увоз од 50 милиони евра, БиХ со увоз вреден 46,3 милиони евра, Бразил со увоз од 40,8 милиони евра, со увоз од 34,6 милиони евра, Хрватска со 34,8 милиони евра и Турција со увоз во вредност од околу 30 милиони евра.

Секоја криза покажува колку е важно домашното производство

Пандемијата на Ковид 19, меѓу другото, покажа и колку е важно домашното производство за секоја една држава. На почетокот кога заради ширењето на вирусот речиси сите граниви беа затворени, многу држави мораа да се потпрат на домашното производство на лекови, храна и другите потребни производи.

Енергетската криза исто така не посети дека долго го запоставуваме домашното производство на струја и колку е скапо за зависиме од увоз на електрична енергија.

Кризата покажа дека земјите со домашно производство можат полесно да се справат со предизвиците и да излезат посилни. Затоа, развојот на домашното производство и извозот треба на трајна основа да бидат врвен приоритет во домашните економски политики со цел да се обезбеди безбедноста на државата.