На предлог на Министерството за финансии, Владата вчера на седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за царинската тарифа со кои се пристапува кон намалување на царинските стапки на околу 70 стоки, главно суровини и репроматеријали кои се користат од страна на индустријата во земјата.

Измената, како што соопштуваат од Министерството за финансии, е дел од Програмата за работа на Владата 2024-2028 година со која е предвидено постепена хармонизација на царинските стапки со стапките кои се применуваат во ЕУ, адаптирано на извозно-увозните потреби на стопанството и на државата.

Оттука, во рамки на предвидената постепена хармонизација, во јули 2025 година ќе се изврши намалување за 50% на разликата помеѓу царинските стапки што се применуваат за увоз на предметните стоки кај нас и царинските стапки за истите кои важат во ЕУ, со интенција за понатамошно доусогласување, велат од Министерството.

Посочуваат дека наведената законска измена е во насока на зголемување на конкурентноста на домашните компании кои извезуваат на странските пазари и зголемување на македонскиот извоз како и зголемен девизен прилив, а се очекува и зголемување на инвестициите и бројот на вработувањата.

Со намалувањето на царинските стапки, посочуваат од Министерството за финансии, директно ќе се помогне во секторите на автомобилска, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетиката.

Со предложените законски измени е опфатено намалување и на царинските стапки за литиум јонски батерии за складирање на електрична енергија во секторот енергетика. Целта е да се помогне во енергетскиот сектор, во насока на зголемување на своите капацитети, зголемување на извозната конкурентност, и се очекува зголемување на инвестициите и бројот на вработувањата, се наведува во соопштението. 

Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за царинската тарифа ќе биде доставен во Собранието на усвојување. 

Зошто воопшто постои царина за литум јонски батетии?

И претходната Влада, поточно по предлог на вицепремиерот за економски систем Кочо Анѓушев, ги укина царините за увоз на литиум јонски батерии, но само привремено.

Владата во ноември 2017 година донесе одлука за укинување на царинската стапка за електрични литиум јонски акумулатори. На седницата беше појаснето дека од царинската давачка за овие акумулатори ќе бидат ослободени само производителите на машини и други производи што користат вакви батерии, но не и трговците со вакви производи, се вели во соопштението објавено од владината прес служба по одржаната седница.

Намалувањето на царината, како што кажа тогаш Анѓушев, е на барање на полска компанија, која има намера во земјава да произведува електрични автобуси и мопеди за извоз.

Потребно е министерствата да се усогласат дали мерката ќе важи само за извоз, односно дали важи само за производство што е наменето за извоз. Мерката е дизајнирана само за да го подобри македонскиот извоз и да се произведуваат електрични автомобили што ќе бидат наменети за извоз, изјави Анѓушев.

Во македонскиот Закон е ставена царина од 15% за увоз на литиум-јонски батерии.

Со тоа производството во земјава не може да биде конкурентно. Ние сакаме да го изедначиме да биде конкурентно исто како и европското, потенцира Анѓушев.

Познавачите на состојбите велат дека царината за увоз на литиум јонски батерии во Македонија нема никаква економска логика и делува како кочница на развојот. Посебно што во земјава нема воопшто домашно производство на вакви батерии кои наоѓаат широка примена во енергетиката, автомобилската и други индустрии, кои се поврзани со зелената транзиција.
Оттука плаќањето на висока царина за увоз на овие батерии го поскапува производството и ја прави земјата целосно неконкурентна во однос на европските и другите земји, кои воопшто немаат ваква царина или истата е неколкупати пониска од царината во Македонија од 15%.

Колку за споредба во ЕУ царината за увоз на литиумски јонски батерии изнесува само 1,3%, во САД е 3,4%.

Компаниите веќе подолго време бараа измени во Царинската тарифа

Многу домашни и странски компании веќе подолго време потенцираат дека Законот за Царинска тарифа е целосно застарен од времето на поранешна Југославија и воопшто не кореспондира со развојот на домашната економија. Постојат царини за увоз на многу суровини и производи, штитејќи производство кое некогаш го имало во поранешна Југославија, а воопшто не постои во независна Македонија, па со истите само се ограничува развојот на одредни индустрии и се прави производството поскапо и неконкурентно.

Вакви нелогичности има во речиси сите индустрии почнувајќи од прехранбената, машинската, па се до индустријата за автомобилски делови, што директно ги прави домашните производствени компании поскапи и неконкурентни во извозот на странските пазари.

Токму од тие причини бизнисмените преку стопанските комори веќе подолг период бараат намалување на увозните царините на суровините и стоките на ниво на европските и укинување на увозните царини при увоз на оние стоки кои воопшто не се произведуваат во земјата, а кои се користат во производство наменето за извоз.