Европската унија произвелa само 33% од електричната енергија од фосилни горива во првата половина од оваа година, што е најмалку од 1990 година.
Употребата на фосилни горива за производство на електрична енергија во Европската унија е намалена за 17% во првата половина на 2023 година во споредба со истиот период лани.
Португалија, Австрија, Бугарија, Естонија и Финска забележаа намалувања за повеќе од 30%, според студијата на енергетскиот тинк-тенк Ember.
Во други 11 земји-членки на ЕУ, производството на електрична енергија од фосилни горива е намалено за повеќе од 20%.
Главната причина e помалата побарувачка на електрична енергија, што значи дека зголемувањето на производството на обновлива енергија можела да задоволи поголем дел од побарувачката на електрична енергија, рече тинк-тенк Ember.
Благото време, политиките за намалување на потрошувачката и високите цени на гасот и електричната енергија, како последица на намалувањето на испораката на гас во Европа од Русија минатата година, ги охрабрија индустриите и потрошувачите да ја ограничат употребата на енергија.
Побарувачката за електрична енергија во ЕУ во периодот јануари-јуни била за 4,6% помала од истиот период во 2022 година, а 33% била добиена од фосилни горива, што е намалување од 38% во истиот период претходната година.
Раст на производството на соларна енергија
Производството на енергија од сонце во ЕУ се зголемило за 13 % во првата половина на 2023 година во однос на истиот период минатата година, додека производството на струја од ветер е зголемено за 4,8 %.
Мет Евен, аналитичар во Ember, смета дека ова е недоволно.
„Треба да видиме чиста енергија која побрзо ги заменува фосилните горива. Итно е потребен огромен поттик, особено во однос на сончевата енергија и ветерот, за да се поддржи отпорната економија низ Европа“, рече тој.