Огромните реципрочни царини што претседателот Доналд Трамп ги објави во средата оставија многу држави во шок, бидејќи тие се значително повисоки од очекуваните и предвидените.
Но, можеби најголема забуна и недоразбирање предизвика начинот на кој тие се пресметуваат, особено нивото на царините што одредени земји наводно ги наплатуваат за американските производи.
На пример, за Македонија реципрочната царина е 33%, а нивото на царини што наводно се наплатува за американските производи е наведено дека изнесува 65%. Но, Македонија не наплатува такви царини, бидејќи највисоките царински стапки за увоз на странски стоки изнесуваат 35%. Според информациите од македонската царина минатата година нема увоз на производи од САД со повисока царинска стапка од 15 %.
Дури и ако се земат предвид нетарифните бариери како ДДВ или други давачки, царинското ниво од 65% е премногу високо и нема економска логика како е дојдено до него.
Иако методологијата за пресметување на царините не е целосно јасна, се чини дека администрацијата на Трамп користела методологија што всушност не е реципрочна.

Имено, CNN и некои други американски медиуми објавија дека администрацијата на Трамп користела едноставна пресметка: трговскиот дефицит на САД со странска земја, поделен со извозот на таа земја во САД, помножен со 0.5.
На пример, трговскиот дефицит на САД со Кина во 2024 година изнесувал 295,4 милијарди долари, а Кина извезла стоки во САД во вредност од 439,9 милијарди долари. Тоа значи дека трговскиот суфицит на Кина со САД бил 67% од вредноста на нејзиниот извоз — вредност што администрацијата на Трамп ја означила како „царина што им се наплаќа на САД“.
Тоа покажува дека реципрочните царини ги таргетираат повеќе земјите што имаат поголеми трговски суфицити со САД, односно повеќе извезуваат на американскиот пазар отколку што увезуваат американски производи.
Но, ако оваа методологија има логика за другите држави, таа воопшто не одговара за Македонија, бидејќи според официјалната македонска статистика Македонија помалку извезува отколку што увезува од САД.
Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2024 година од Македонија во САД биле извезени производи вредни 118 милиони долари, а биле увезени американски производи вредни 196 милиони долари.
Користејќи ја логиката на формулата на администрацијата на Трамп, Македонија добила многу повисока царина како да има значително поголем извоз и суфицит на американскиот пазар, што не соодветствува на македонските статистички податоци.
Проблемот се јавува кога македонските статистички податоци ќе се споредат со американските податоци за трговијата помеѓу двете земји.

Дали автобусите на VDL Van Hool се причина за високите царини?


Според американската статистика, Македонија има многу поголем извоз во споредба со она што македонската статистика го бележи како увоз од Македонија.
На пример, според податоците на OEC, во 2023 година Македонија остварила извоз од 273 милиони долари во САД, од кои 203 милиони долари биле автобуси, додека увезла американски производи вредни 257 милиони долари. Тоа значи дека САД имале трговски дефицит од 16 милиони долари.
Истата година, според македонскиот Државен завод за статистика, извозот од Македонија кон САД бил 53,6 милиони долари, а увозот од САД изнесувал 267 милиони долари.
Американскиот Census.gov во 2023 година бележи огромен трговски дефицит за САД во трговијата со Македонија од дури 228,7 милиони долари.
Познавачите на состојбите велат дека можно е целиот проблем во разликите во статистиката да е настанат заради автобусите на VDL Van Hool што се произведуваат во зоната ТИРЗ Скопје 1 во Бунарџик и се продаваат главно во САД.
Како можен проблем за разликите се посочува начинот на кој се третира производството на автобуси од даночен и царински аспект од македонските институции.
Иако автобусите се произведуваат целосно во фабриките во Бунарџик, тие во Македонија не се евидентираат како редовен извоз, туку како услуга, односно како увоз заради облагородување. Потоа автобусите се испорачуваат во Белгија, каде што е матичната компанија Van Hool (подоцна купена од холандската VDL Group), а потоа како готов производ се продаваат во САД.
Според законските македонски регулативи, увозот за облагородување му овозможува на производителот, (во случајот VDL Van Hool) да ги облагородува увезените репроматеријали или полупроизводи во земјава за повторен извоз, без притоа да се платат увозни давачки и ДДВ за стоката во Македонија.

Иако потоа автобусите се извезуваат како готов производ од Белгија во САД, можно е американските царински власти како земја на потекло на автобусите да ја евидентираат Македонија, каде е стекнат поголемиот дел од вредноста на производот.

Извозот на автобуси на VDL Van Hool од Македонија над 390 милиони долари за две години


Според последната едиција ТОП 100 Извозници, производителот на автобуси VDL Van Hool лани бил четвртиот најголем извозник од земјава, со приходи од продажба во странство од 245 милиони евра (269 милиони долари) во 2024 година. Претходната 2023 година компанијата продала автобуси во странство во вредност од 123 милиони евра (135 милиони долари).
Значи во изминатите две години VDL Van Hool од продажба на автобусите произведени во Македонија остварила приходи од продажба од над 390 милиони долари.
Сепак, таа вредност може да биде различна од вредноста по која автобусите се продадени во САД и вредноста која е земена како основа за пресметување на царинската вредност.

Белгиската компанија Van Hool ја отвори својата фабрика во Македонија, во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 2, во 2012 година.
Во април 2024 година, поради финансиски проблеми, фабриката на Van Hool беше преземена од холандската VDL Group.
Фабриката за автобуси во Македонија премина во целосна сопственост на холандската VDL Group, која објави дека ќе ги задржи сите 1.350 вработени и дека ќе обезбеди нови зделки благодарение на договорот со ABC Companies за дистрибуција на автобуси во САД и Канада.

Фото: Flickr