Grcija protesti

Поради штрајкот на работниците низ цела Грција, сообраќајот и работата на јавните служби беа прекинати, додека синдикатите протестираа против планираните реформи на трудот што би овозможиле продолжување на работното време во приватниот сектор, објави утрово Ројтерс.
Поради штрајкот, бродовите останаа во пристаништата, а железничкиот сообраќај беше целосно запрен, додека патиштата беа блокирани.

Полицијата соопшти дека околу 13.000 луѓе се собрале во Атина и Солун пред планираното гласање за контроверзниот закон во Парламентот, каде што се очекува само пратениците од партијата Нова демократија (НД) на премиерот Киријакос Мицотакис, која е на власт од 2019 година, да гласаат за него.

Синдикатите и левичарската опозиција се побунија против реформата на трудовото право за која велат дека е „достојна за средниот век“ – како што ја опишаа за време на првиот генерален штрајк пред две недели.

Нацрт-законот предвидува дека, со 40 проценти паричен надомест, вработениот може да работи до 13 часа на ден за еден работодавач.

Можноста за 13-часовен работен ден веќе постои во Грција, но само ако вработениот има два или повеќе работодавачи.

Новата одредба ќе се применува само „до 37 дена во годината“ и на доброволна основа, изјави министерката за труд и социјална сигурност Ники Керамеос.

На еден од транспарентите на протестот во Атина пишува: „Работното време не е стока, тоа се нашите животи!“

Грчката конфедерација на вработени во приватниот сектор (ГСЕЕ) тврди дека многу вработени ќе имаат мала можност да одбијат да работат 13 часа „со оглед на нерамнотежата на моќ меѓу работодавачот и вработениот и големата неизвесност на пазарот на трудот“, се вели во писмо што организацијата го испратила до министерот за труд на крајот на септември.

Во Грција, законското работно време е осум часа на ден, со можност за прекувремена работа до три часа, а просечното работно време за една недела е 39,8 часа, што е над просекот на ЕУ од 35,8 часа.