Денес во Скопје свечено беше промовирана Швајцарската комора на Северна Македонија – СвисЧам МК, како нова платформа за унапредување на економската соработка, инвестициите и деловното вмрежување меѓу Северна Македонија и Швајцарија.

Основањето на Комората е резултат на повеќегодишна иницијатива на водечки компании и институционална поддршка од Швајцарската амбасада, со цел создавање стабилна и доверлива деловна заедница заснована на препознатливите швајцарски вредности.

На настанот присуствуваа повеќе од 70 компании, кои се основачи на Комората, меѓу кои се компании со швајцарски капитал кои веќе работат во земјава, но и многу македонски компании, а свои обраќања имаа амбасадорот на Швајцарија во земјава Кристоф Зомер, претседателката на Комората, Соња Стефановска, и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски

Швајцарија и Северна Македонија веќе имаат силни економски врски, но преку оваа Комора создаваме платформа што ќе го претвори постоечкиот интерес во конкретни партнерства и нови можности за раст,“ изјави швајцарскиот амбасадорот Н.Е. Кристоф Зомер, нагласувајќи дека комората ќе придонесе за зајакнување на економското партнерство и долгорочна соработка помеѓу двете земји.

Според него, постои голем потенцијал за унапредување на соработката, особено во областа на трговијата, инвестициите и иновациите, со оглед дека Швајцарија е лидер и особено силна во делот на иновациите.

 Во време на глобални економски трансформации, СвисЧам МК се позиционира како стратешка иницијатива што ги обединува сигурноста, довербата и иновативноста, клучни принципи на современото деловно опкружување. Надоврзувајќи се на постојните економски врски и растечкиот интерес за nearshoring (пренесување на деловни активности во блиски земји), Комората ќе работи на продлабочување на партнерствата и нови инвестициски можности.

 
Претседателката на Комората, г-ѓа Соња Стефановска, истакна дека вистинската вредност на ова партнерство се темели на јасни принципи:
СвисЧам МК ќе биде мост на доверба меѓу луѓето, бизнисите и институциите, градејќи партнерства засновани на квалитет, прецизност,  интегритет и транспарентност“, изјави Стефановска.

Агро бизнисот, ИТ секторот и производниот сектор се областите кои имаат најголем потенцијал за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. “Во овие области веќе има изградено добра основа и во иднина таа ќе продолжи да се развива, но не се исклучении други сектори од интерес на компаниите за извоз и настап на швајцарскиот пазар, како и за привлекување на дополнителчни инвестиции”, посочува Стефановска, нагласувајќи дека помина времето кога странските компании гледаа на Македонија само како на земја со евтина и нискоквалификувана работна рака и дека се почесто компаниите се одлучуваат и за отварање на истражувачки и развојни центри.

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, г-дин Зоран Димитровски, во своето обраќање нагласи дека СвисЧам МК ќе овозможи подобра комуникација, размена на информации, поддршка за нови деловни иницијативи и развој на заеднички проекти.

Убеден сум дека преку ваквата институционална рамка ќе се зајакне економската соработка и ќе се поттикне создавање на нови деловни партнерства. Во таа смисла, Владата, а особено Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, и понатаму остануваат целосно посветени на поддршката на иницијативи кои ја зајакнуваат економската дипломатија и ја унапредуваат меѓународната економска соработка. Соработката меѓу јавниот и приватниот сектор е од суштинско значење за создавање стабилна и конкурентна економија и за отворање нови перспективи за нашите компании, изјави Димитровски.
 
Во време на глобални економски трансформации, како што додаваат од Комората, СвисЧам МК се позиционира како стратешка иницијатива што обединува клучните принципи на современото деловно опкружување и како платформа за вмрежување, размена на знаења и поддршка на бизнисите, со цел да придонесе кон одржлив економски развој и зголемена конкурентност на македонската економија.

Меѓу компаниите членки на СвисЧам МК се „Баумер“, „Макстил“, „Ронтис“, „Медитераниан шипинг компани“ и „Пакомак“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:

ИНОФЕИТ ЕДИХ и Швајцарската Програма ИМЕ потпишаа Меморандум за соработка за дигитална трансформација на МСП

Швајцарските потрошувачи сè повеќе заинтересирани за македонскиот органски лешник

Иван Шуклев: Интерес за македонското овошје и зеленчук постои, но потребен е поинаков пристап за да го произведеме она што европските пазари го бараат