Најголемиот производител на автомобил во Европа, Volkswagen ќе го намали производството следната недела во главната фабрика во Волфсбург, Германија, бидејќи глобалниот недостаток на микрочипови и електронски компоненти продолжува силно да го погодува автомобилскиот производител.
Една монтажна линија, која го произведува VW Golf, ќе работи само во една смена од понеделник до четврток, додека ситуацијата за петок се уште се разјаснува, изјави портпаролот на VW за Automotive News Europe.
Другите склопувачки линии што ги градат моделите Touran, Tiguan и Seat Tarraco ќе го прекинат производството или ќе работат со скратено работно време.
Намалувањето на производството на Volkswagen во неговата најголема фабрика веќе се одразува и врз намалениот обем на работење на капацитетите за производство на авто делови во земјава, кои вработуваат близу 30 лица. Над 47% од вкупниот македонски извоз е насочен кон Германија и силно зависен од работењето на автомобилската индустрија.
Германскиот Volkswagen беше принуден да го запре или намали производството во Волфсбург оваа година неколку пати, поради недостатокот на полупроводнички компоненти кои се користат во бројни електронски системи во модерните автомобили.
Директорите на VW, Daimler и BMW предупредија на саемот во Минхен претходно овој месец дека проблемот со недостиг на чипови може да потрае до 2023 година.
Аналитичката куќа IHS Markit неодамна ја намали прогнозата за производството за оваа година за 6,2% поради проблемите во синџирите за снабдување и недостигот на чипови.

Влошување на ситуацијата: Годинава ќе се произведат 5,2 милиони помалку автомобили заради кризата со чипови