Владата денеска одлучи да ги намали царините за увоз на зеленчук и овошје од странство на 10%, со цел да влијае на намалување на цените на овие производи на домашниот пазар. Министерот за економија Крешник Бектеши како причина за високите цени го посочи зголемениот извоз на зеленчук и овошје, заради што потоа земјата за да ја задоволи домашната побарувачка морала да увезува од странство за што законите пропишуваат да се плаќа царина при увоз која кај некои производи се движат од 65% до 45%.
Но, анализата на статистиката покажува дека нема некое посебно зголемување на количините кои се извезени годинава. Освен ако зголемениот извоз на зеленчук и овошје не го регистрира статистиката, односно ако се врши затајување на количините и вредноста на продадените зеленчук и овошје во странство пред институциите заради помало плаќање на давачки кон државата.
Во периодот од јануари заклучно со јули годинава од Македонија е извезена храна во вредност од 270 милиони евра, што е за 7,3% повеќе од вредоста на извозот во истиот период лани. Извезени биле 231 илјада тони храна, што за 11% помалку во споредба со истиот период лани.
Во истиот период биле увезени 418 илјади тони храна во вредност од 555 милиои евра. Увезената количина храна е помала за 3,9%, додека вредноста била поголема за 11,4% во споредба со истиот период. Тоа значи заради инфлацијата и поскапувањата сме морале за помала увезена количина да плаќаме повеќе.
Во трговијата со храна со светот во периодот од април до јули годинава имаме трговски дефицит од дури 285 милиони евра.
Од вкупниот извоз на храна во првите седум месеци 43% или 116 милиони евра изнесувал извозот на зеленчук и овошје. Извезените количини на овошје и зеленчук се намалени за 9,8%, додека вредноста на извозот на овие производи е зголемена за 7,3% во споредба со лани, што се должи пред се на инфлацијата.
На страната на увозот, во првите седум месеци годинава увозот на зеленчук и овошје изнесувал 73 милиони евра, што е за 15,8% повеќе во споредба со истиот период лани. Увезените количини на овошје и зеленчук во овој период изнесуваат 91 илјади тони и се намалени за 1,6%. Што значи дека за помала количина на храна годинава заради инфлацијата сме морале да плаќаме повеќе.
Ако се оди подетално, статистиката покажува дека во првите седум месеци годинава извезени биле 41 илјада тони овошје за 16,1 милиони евра. Извезените количини овошје во овој период годинава се помали за 32%, а вредноста на извезеното овошје помала за 24,7% во споредба со лани.
Кај зеленчукот, во периодот од јануари до јули годинава биле извезени околу 92,3 илјади тони зеленчук во вредност од 60 милиони евра. Извезените количини се зголемени за 7,1%, додека вредноста е зголемена за 17,3%. При тоа, речиси половина од целиот извоз на зеленчук во овој период отпаѓа на зелката или 28,4 милион евра, кој имаше раст од 20%, додека кај извозот на останатиот зеленчук нема некое поголемо зголемување.