Министерката за земјоделство на Албанија Фрида Крифца информираше дека земјата има за цел да го удвои извозот на свежо овошје и зеленчук во земјите во Западна Европа и да ја стави Албанија на картата на квалитетни извозници во Европа.
Според министерката за земјоделство Крифца, владата работи на голем број политики за поддршка на секторот за овошје и зеленчук, кој сочинува 20% од БДП на Албанија и 40% од вработеноста. Тие вклучуваат обезбедување директна помош за земјоделците и преработувачите за да се поттикне создавањето на синџирот на вредност.
Крифца рече дека целта е да се зголеми вредноста на извозот на овошје и зеленчук од сегашните 400 милиони евра годишно на околу 1 милијарда евра до 2025 година.
Колку за споредба вкупниот извоз на храна од Македонија минатата година достигна 389 милиони евра, а извозот на овошје и зеленчук изнесува 182 милиони евра.
„Оптимална клима ни овозможува да работиме добро во сегментот на рано производство. Нашите најсилни страни се цитрусите, кои го одгледуваме во пограничните области каде има околу 400-500 хектари производство, а сега и кивито, кое се одгледува во централните области на земјата“, рече таа.
Вкупно 14 албански компании учествуваа на саемот Fruit Attraction во октомври во Мадрид, каде Албанија беше официјална земја партнер на саемот.
За време на настанот, Крифца оствари средба со нејзиниот шпански колега Луис Планас, на која се разговараше за начините за зајакнување на трговските односи меѓу двете земји.
Според Пелумб Ќосеј, висок експерт за унапредување на малите и средните претпријатија и извозот, албанскиот земјоделски сектор доживеа стабилен раст во последниве години, при што производството се повеќе се ориентира кон извоз.
Извор: Fruitnet