Македонската фармацевтска компанија Алкалоид информира дека го добиле првото овластување за ставање во промет на медицински производ во Виетнам.
Со овој потег, компанијата го означува почетниот чекор во проширувањето на нашето портфолио во Виетнам, земја која е дел од Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН).
“За Секторот за регулаторни прашања во АЛКАЛОИД, ова претставува значајно достигнување во согласност со нашата корпоративна стратегија за проширување на нови пазари”, информираат од Алкалои.
Станува збор за муколитички производ, капсули карбоцистеин за орална употреба, кој се користи за ублажување на симптомите на респираторни состојби поврзани со прекумерно производство на слуз.
“Целосно усогласени со националните регулаторни барања, ние сме посветени да дадеме значаен придонес во здравствениот систем на овој динамичен и брзо растечки пазар преку зголемување на достапноста на нашите лекови до пациентите. Градењето силни партнерства во Виетнам останува наш постојан фокус”, велат од Алкалоид.
Фармацевтскиот пазар во Виетнам е еден од најбрзорастечките во светот во последните неколку години.
Според Администрацијата за лекови на Виетнам, вредноста на фармацевтскиот пазар достигнува приближно 6,5 милијарди долари, со просечна потрошувачка на лекови од 70 долари по глава на жител. Тоа е 10-кратно зголемување во споредба со вреднста на пазарот од 2000 година. Проценките се дека во 2026 година вредноста на фармацевтскиот пазар во Виетнам ќе надине 16 милијарди долари.