Над 19.000 компании досега поднесоа барања до Управата за јавни приходи за мерката за исплата на финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај во износ до 14.500 денари месечно по вработен, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Во изминатите два месеца како резултат на негативните последици кои ги предизвика коронавирусот КОВИД-19 врз економијата, Владата донесе низа мерки за поддршка на најпогодените компании, но и за најзагрозените граѓани. Дека мерките се фокусирани да ги дадат најдобрите резултати врз економијата  покажува и големиот интерес на компаниите и граѓаните за нивното користење. Радува што заклучно со денеска над 19.000 компании поднеле барања за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај во износ до 14.500 денари месечно по вработен, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата. Аплицирањето за оваа мерка, како што кажа, започна на први мај, а крајниот рок истекува утре на седми мај во 24 часот.

Тој ги повика компаниите до утре до 24 часот да аплицираат за мерката за поддршка на платите за април и мај и истакна дека се очекува да аплицираат голем број од компаниите кои ги исполнуваат условите.

-Со оваа мерка се овозможува континуитет на работните процеси и се обезбедува основа за редовна исплата на плати и придонеси при што се создаваат сериозни услови за да се зачуваат работните места, потенцира Бектеши.

На денешната прес конференција Бектеши информираше и за реализација на мерките и Програмите на Министерството за економија.
Од почетокот на годината како што информираше министерот, Министерството за економија објави неколку јавни повици за поддршка на стопанството преку Програмата за конкурентност и иновации, Програмата за енергетска ефикасност и Програмата за индустриска политика.

„Од Програмата за енергетска ефикасност сакам да ве информирам дека е спроведен јавниот повик за субвенции на печки на пелети. Од оваа мерка оваа година субвенции добија вкупно 454 граѓани кои аплицираа заклучно со крајниот рок 6-ти март во вкупен износ од 10,7 милиони денари. Вкупно 20 од граѓаните кои добиле субвенции за печки на пелети се домаќинства  ниски примања за што е предвидена субвенција од 75% од средствата, но не повеќе од 25.000 денари. Останатите домаќинства беа поддржани со 50% од трошоците за набавка на печки на пелети, но не повеќе од 20.000 денари“, кажа Бектеши.

Во делот на поддршка на компаниите министерот Бектеши информираше дека е завршен јавниот повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија.

„Од оваа мерка, оваа година субвенционирани се вкупно 55 претпријатија во вкупен износ од 14 милиони денари“, истакна Бектеши и ги повика сите жени да аплицираат на јавниот повик за финансиска поддршка за женско претприемништво кој трае до крајот на месец мај, за што се обезбедени 1.5 милиони денари.

„Во делот на мерките за индустриска политика, сакам да ги повикам сите преработувачки капацитети да аплицираат на јавниот повик наменет за преработувачката индустрија. Крајниот рок за аплицирање за оваа мерка е 31-ви јули, а предвидени се 4.5 милиони евра за поддршка на претпријатијата за развој на деловниот субјект, развој на производ и развој на пазар“, констатираше Бектеши и ги повика сите компании да ја искористат поддршката што ја дава Владата за справување со оваа корона криза и да аплицираат за мерките за поддршка на економијата.