Унапредувањето на трговските односи помеѓу Северна Турција, Македонија и Косово, подобрување на инфраструктурната поврзаност и можностите за реализација на инвестиции со кои би се подобрила конкурентноста на земјите и на регионот на Западен Балкан, беа дел од темите кои се дискутираа на денешниот трилатерален состанок „Придонес за развој на социо-економските односи помеѓу Република Турција, Република Северна Македонија и Република Косово“, кој е во заедничка организација на Македонско-турската стопанска комора МАТТО, Косовско-турската стопанска комора КТТО и Здружението на стопанственици и занаетчии „Еснаф“ од Косово.
На настанот учествуваа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за регионален развој на Република Косово Фикрим Дамка, амбасадорот на Република Турција во нашата земја Мехмет Секизкок, претседателот на Македонско-турската стопанска комора Ајдован Адемовски, претставници на здруженијата, коорганизатори на настанот, како и претставници на 50-ина компании, инвестиции со турски капитал во двете земји.
Вицепремиерот Битиќи, во своето воведно излагање, посочи дека регионалната соработка е есенцијална за понатамошниот напредок на економиите и општествата на земјите од регионот, при што го поздрави ангажманот за организација на овој трилатерален состанок и даде поддршка дијалогот да остане отворен и да се унапредува и понатаму.
„Мене ме радува што и во Турција и во Косово, Република Северна Македонија има традиционално добри трговски партнери. Република Турција е 7. по вредност трговски партнер на нашата земја, a Косово е рангиран како 10-ти најдобар трговски партнер. Со оглед на тоа што позади нас имаме две кризни години години, навистина се сигнификантни растот на меѓусебната трговија, извозот и увозот, а тоа значи дека се враќаме на патеките на соработка пред пандемијатa“, нагласи Битиќи и додаде дека цврсто воспоставените релации помеѓу трите земји и покрај пречките од пандемијата не беа прекинати, а многу брзо се обновуваат и враќаат на пред пандемското ниво.
„Постковид периодот е шанса за регионот. Шанса да ја унапредиме уште повеќе нашата соработка, да создадеме регион кој ќе биде конкурентен и атрактивен, а не да создаваме меѓусебна конкуренција помеѓу земјите од Западен Балкан“, рече тој.
На состанокот од страна на коморите беа презентирани најзначајните инвестиции од турски компании во изминатиот период, кои се во повеќе сектори, а особено во градежништвото, банкарството, трговијата, производството и во други гранки.