Од 30-ти мај до 3-ти јуни годинава „Брако“ со својот бренд на возила за одржување на хигиена „Грин Машинс“, ќе биде дел од престижниот саем IFAT во Минхен. Водечкиот саем од областа на еколошките технологии, во светски рамки е најголемата платформа од која произлегуваат најефикасните, најсовремените и најиновативните решенија и технологии за заштита на животната средина.

„Грин Машинс“ е во листата на излагачи
кои на својот штанд ќе ги презентира последните револуционерни решенија имплементирани во единствените „Грин Машинс“ возила и машините за чистење надворешни површини, со специфични и различни намени.

Посебно место ќе заземе GM 955, кој е највпечатлив поради неговиот капацитет од 6 кубни метри. GM 955 го обединува најдоброто, затоа што механичкиот дел од системот овозможува собирање на отпад од секаков вид и најразлични димензии и при тоа механичкиот принцип за собирање отпад е комбиниран со вакуум. Ќе се презентираат и возила од серијата GM 400 и GM 500.

„Грин Машинс“ први во светот го произведоа возилото за чистење на хидрогенски погон, серијата 400 ја збогатија со целосно електрично возило со иновативниот систем за рециркулација на воздухот, први копчињата ги заменија со панел на допир и единствено тие ја нудат можноста сите постојни „Грин Машинс“ електрични возила, да можат да се постават на хидрогенски погон.

На простор од 260 илјади метри квадратни сo 18 хали и дополнителен надворешен простор за изложување, со демонстрација во живо, саемот IFAT е вистинското место на меѓународно вмрежување на професионалци од речиси 3000 компании.