Антје Ванделт, новата директорка на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство денеска одржа брифинг за медиумите.
Антје Ванделт е родена во Берлин каде се има и школувано. По завршувањето на студиите заминува за Латинска Америка, каде почнува да работи во Германската стопанска комора и станува директор на канцеларијата во Чиле, а од таму заминува за Перу каде изминатите осум години е директор исто така на Германската стопанска комора.
Одговарајќи на прашање на ИзвозМК за фокусот за тоа што ќе биде во фокусот на нејзиниот ангажман во земјава, Ванделт одговори:
„Фокусот на моето работење во Северна Македонија ќе биде ставен на повеќе области, првично ќе се залагам за подобро позиционирање на компаниите од Северна Македонија во глобалниот синџир на снабдување, токму сега е вистинско време за тоа. По кризата со пандемијата и војната во Украина, земјата може да ја искористи географската близина до Германија, но и сè подобриот квалитет на индустриското производство, чиј фокус нема да е само автомобилската индустрија, туку и други значајни области. Втор приоритет ќе биде ставен на дуалното стручно образование по германски модел. Без стручен кадар нема да може да се задоволат потребите и квалитетот кои ги бара стопанството. Трет приоритет ќе ми биде матриксот на зелена енергија, одржливост во производните процеси, менаџирањето на отпад и заштитата на животната средина. Исто така би сакала да се посветам и на темата жената во бизнисот во Северна Македонија“, изјави Ванделт.
Ванделт најави нови инвестиции од Германија и зголемување на трговската соработка во следниот период.
„Иако сум само две недели во Скопје, имам силни впечатоци, првично за народот кој е многу љубезен и посветен, а веќе стекнав и слика за соработката меѓу нашите две земји. За овие две недели можам да забележам дека има интерес кај германските компании за Северна Македонија, дел од нив се интересираат за можностите за инвестирање, дел бараат нови деловни партнери, компании добавувачи“, вели Антје Ванделт.“
Германија е најголем извозен пазар за македонската економија каде во 2022 година се пласираше 45% од вкупниот извоз на земјата или близу 3,8 милијарди евра.
„Трговската размена меѓу двете земји бележи значаен раст, во 2020 таа изнесуваше 3,9 милјарди евра, додека во 2022 имаме значаен раст на 4,8 милијарди евра, овие бројки точно укажуваат дека има се поголем раст и интерес за соработка. Исто така и веќе постоечките германски инвестиции во 2022 го дуплираат своето производство и бројот на вработени во земјата. Дел од тие компании се Киел во Тетово и ОДВ Електрик и Костал во Охрид. Ова се добри показатели, со подобрување на некои од рамковните услови, земјата ќе стане уште поатрактивна за нови инвеститори“, изјави Ванделт.