Министерството за транспорт и врски информира дека денеска во просториите на Министерството се отворија барањата за финансиска поддршка за воведување на нови авиолинии од двата аеродроми, Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид.

“На јавниот повик кој што траеше од 1 март 2023 година до 31 март 2023 година документација доставија две авиокомпании и тоа Визер и Луфтханза”, информираат од Министерството за транспорт.

Грчкиот национален превозник Aegean Airlines, која изрази интерес на првиот повик кој заради некомплетна документација беше поништен, не достави барање на новиот повик.

Комисијата составена од членови од неколку државни институции во следниот период ќе изврши евалуација на доставените понуди, согласно утврдените крутериуми во јавниот повик. Денеска порталот Еxyuaviation објави дека грчкиот авиопревозник Aegean Airlines ќе ги зголеми бројот на летови меѓу Атина и Скопје.

Јавниот повик за субвенционирање на нови авиолинии беше распишан во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска унија.
Финансиската поддршка има за цел поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија, заради квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање на поконкурентни и подостапни цени на билетите што директно подразбира нови дестинации за граѓаните на Северна Македонија.

Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира и број на седишта понудени на продажба

Во однос на износот на финансиската поддршка, таа ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународен аеродром Скопје и 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.

За годинава се предвидени 1,1 милион евра за финаниска поддршка за нови авиолинии. На 1 март минатата година заврши последниот од трите договори за субвенционирани летови со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер”