Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски заедно со владина делегација, во рамки на посетата на ОАЕ, ја посети Стопанската комора на Шарџа и оствари средба со нејзиниот претседател и раководството. Разговорот беше насочен кон продлабочување на економската соработка, размена на добри практики и можности за заеднички инвестиции.
Во продолжение на посетата, Премиерот Мицкоски ја посети и Стопанската комора на Дубаи, каде што со раководството се разговараше за конкретни иницијативи за јакнење на трговските врски, технолошки развој и поддршка на претприемништвото.
Средбите отворија нови перспективи за бизнис заедницата и поттикнаа понатамошна билатерална соработка.
“Туризмот, инфраструктурата, образованието се секторите на кој се фокусираме на соработка со Обединетите Арапски Емирати. Имаме бројни средби во овие неколку дена, ќе потпишеме неколку договори за економска соработка, а се обидуваме да договориме уште најмалку два лета со Ер Арабиaн“, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој е дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски која е во официјалната осета на Обединетите Арапски Емирати.

Владината делегација вчера остварила средби со бизнис коморите во двата големи емирати, емиратот Шарџ и емиратот Дубаи.
“Зборуваме за можностите за инвестиции во Македонија во делот на инфрaструктурата, туризмот, во делот на земјоделието. Зборуваме за големите можности што ги носи туризмот во Македонија и планинскиот и езерскиот. Исто така за коридорите 8 и 10 кои се значајни за поврзување за цела Европа, не само за Македонија, ги презентираме пред стопанските комори во Обединетите Арапски Емирати како начин да привлечеме инвеститори во Македонија”, вели Николовски.
Во рамки на политичкиот дел на посетата ќе се реализираат средби со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, со премиерот и со повеќе министри, а исто така се предвидува да бидат потпишани неколку значајни договори за економска, образовна и туристичка соработка меѓу двете земи.

„Оваа посета претставува важен чекор напред во нашата заедничка амбиција за подобрување на економската соработка и отворање нови можности за бизнис заедниците на двата пазари. Ние сме посветени на поддршка на успехот на македонските компании и овозможување нивно проширување на глобалните пазари со искористување на стратешката локација на Дубаи, инфраструктурата од светска класа и поволната средина за инвестиции”, изјави Султан бин Саид Ал Мансури, претседател на комората на Дубаи.
Големи разлики за обемот на трговска соработка меѓу двете
Дискусиите се фокусирале на зголемување на билатералната трговија и инвестициите меѓу Дубаи и Северна Македонија, со посебен акцент на клучниот македонски извоз во Дубаи, вклучувајќи електроника, облека, возила, машини и производи од овошје и зеленчук. Главниот извоз на Дубаи во Северна Македонија вклучува електроника, медицински инструменти, играчки и спортска опрема, вештачки влакна и парфеми и козметика.
Според податоците од комората на Дубаи, трговијата со производи кои не се поврзани со нафтата меѓу Дубаи и Северна Македонија достигна вредност од приближно 52,2 милиони американски долари во 2024 година.
Според податоците, пак, од Државниот завод за статистика трговската размена меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати во 2024 година изнесувала 11,7 милиони долари, со извоз од Македонија од 5,3 мииони долари и увоз од ОАЕ од 6,4 милиони долари.
Од бизнис комората од Дубаи исто така, го истакнале растечкото присуство на македонските компании во Дубаи. До крајот на 2024 година, бројот на македонски компании регистрирани како активни членови на Трговската комора на Дубаи достигна 47, што одразува годишна стапка на раст од 52%. Пет дополнителни компании од Северна Македонија се приклучија на комората во текот на првиот квартал од 2025 година, со што вкупниот број достигна 52.