Произведено комплетно во погоните на „Брако“ во Велес од инженерските тимови на компанијата, неделава пред светот беше презентирано најновото возило од брендот „Green Machines“.
Новиот GM400ze е целосно електрично возило со револуционерни функционалности кои што дополнително придонесуваат кон остварување на еколошката агенда на брендот и компанијата.
„Деновиве, серијата 400, се збогати со ново, целосно електрично возило. GM400ze RS, од сите други возила од овој тип во светот се разликува по имплементираниот револуционерен систем за кружење на воздухот кој што не само што ги зголемува перформансите на вшмукување, туку и капацитетот за филтрирање на прав, што ги прави машините двојно помоќни во споредба со сегашниот модел на дизел 400, а бројот на издувни ПM честички е намален за три пати. Технолошки современи, иновативни и еколошки, машините се специјализирани за одржување на хигиена на надворешни површини, пешачки зони, плочници, улици и трговски центри. „Брако“од Велес, во чија сопственост е ’Green Machines’ континуирано го збогатува портфолиото на брендот со нови производи кои се толку уникатни што во основа е невозможно да се споредат една со друга“, велат од компанијата.
Компанијата „Green Machines“, од октомври 2019 година е во сопственост на велешки „Брако“, има долгогодишна традиција во областа на производството на технолошки напредни и иновативни машини за одржување на хигиената во урбани средини и важи за глобален лидер со врвна репутација.
Пред само една година компанијата го презентираше револуционерното и прво возило за одржување на хигиена на хидрогенски погон. Возилата произведени во Велес се извезуваат и продаваат речиси низ целиот свет од Лондон до Сингапур.
„Брако“ е една од најнапредните технолошки компании и се вбројува меѓу најголемите извозници со дури 95% од производството наменето за странските пазари.
Благодарение токму на ваквото деловно работење компанијата и покрај предизвиците и неизвесностите наметнати од ковид-пандемијата успеа континуирано да го зголемува производството и приходите, а во своите погони да отвори близу 140 нови работни позиции.