Германската влада ја намали прогнозата за економскиот раст за оваа година на 2,6%, но ја зголеми проценката за следната година на 4,1%, бидејќи проблемите со снабдувањето го одложуваат закрепнувањето на најголемата европска економија, пишува Reuters.
Ревидираната владина прогноза за растот на бруто домашниот производ се споредува со априлската прогноза за раст на економијата од 3,5% во 2021 година и од 3,6% во 2022 година. За 2023 година, владата сега очекува економскиот раст да се нормализира со стапка на експанзија од 1,6%.
Недостигот на полупроводници и други интермедијарни стоки, предизвикани од прекини во синџирот на снабдување поради пандемијата на Ковид 19 го кочи производството на германското производство.
Покрај проблемите со снабдувањето со електронски компоненти, компаниите се борат и да ја задоволат високата побарувачка поради недостигот на суровини.
Германија е најголем трговски партнер на македонската економија, каде се пласира речиси 48% од вкупниот извоз од државата.
Распространетите тесни грла во производството, заедно со невообичаено високата побарувачка, доведуваат до зголемување на цените и затоа германската влада очекува инфлацијата на потрошувачките цени да се зголеми до 2,9% оваа година.
Но, владата останува на својата проценка дека порастот на цените ќе биде привремен и гледа намалување на инфлацијата на 2,2% во 2022 година и на 1,7% во 2023 година.
За споредба, инфлацијата на потрошувачките цени во 2020 година изнесуваше 0,6%.
Институтот Ifo во понеделникот објави дека деловниот морал на германскиот бизнис се влошува четврти последователен месец во октомври и го достигна најниското ниво во последните шест месеци.
Тоа, исто така, се надоврзува на најновата оценка на централната банка, која во понеделникот рече дека економскиот раст најверојатно нагло ќе забави во четвртиот квартал, при што растот за цела година сега веројатно ќе биде „значително“ под предвидувањето од 3,7% отсто дадено во јуни.
Институтот забележа дека стапката на искористеност на капацитетите во германската преработувачка индустрија паднала во октомври за 2,1 процентен поен, на 84,7%.
Очекувањата на компаниите се исто така полоши за наредниот период.
„Бизнисите се значително помалку задоволни од нивната моментална состојба. Тие се и попесимисти за следните месеци“, се подвлекува.