Пред само неколку месеци, германската економија и сојузната влада се надеваа на крај на економскиот пад. Но, и тој слаб оптимизам сега испари.

И онака мрачното расположение во германската извозна индустрија дополнително се влошува. Месечниот индекс на очекувањата за извоз на минхенскиот институт Ifo падна на минус 6,3 поени во септември, по минус 5,2 поени во август.

Поголемиот дел од компаниите очекуваат во наредните месеци да примат помалку нарачки од странство.
„Извозната индустрија е во слаба фаза“, вели Клаус Вохрабе, раководител на анкетата на Ifo.
Позначајни загуби очекуваат особено металната и автомобилската индустрија.

Германија е најголем извозен пазар за македонската економија, каде во првите седум месеци се пласирани производи вредни околу 1,9 милијарди евра, што е околу 41% од вкупниот извоз на Македонија. Забавувањето на германската економија веќе се чувствува врз македонскиот извоз. Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека извозот во Германија во периодот јануари-јули годинава бележи пад 15,5% во споредба со истиот период минатата година.