Германската групација BMZ, светски познат производител на литиум јонски батерии BMZ ќе инвестира 65 милиони евра во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 2 и ќе отвори 775 нови работни места. 

Во новиот капацитет, БМЗ ДООЕЛ Скопје, ќе се врши сериско производство на батериски производи. Вкупната инвестиција ќе се реализира во период од 10 години. Изградбата на фабриката треба да започне кон крајот на 2023 и да заврши најдоцна за 24 месеци, а планирано годишно да има извоз од над 360 милиони евра.

Договорот за инвестицијата денеска во Франкфурт го потпишаа извршниот директор и основач на „БМЗ” Свен Бауер и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ДТИРЗ) Јован Деспотовски, во присуство на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и Јелица Ивановска, генерален менаџер на БМЗ Македонија. 

Вицепремиерот Битиќи, по потпишувањето рече дека стабилното и предвидливо деловно опкружување кое влева доверба, низата на конкурентни мерки за поддршка на нови инвестиции, дале конкретен резултат, БМЗ по само неколку месечни разговори со претставници на државата да донесе одлука за реализација на инвестицијата и изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје 2.

Со проектирањето на годишен извоз од над 360 милиони евра, во нашата економија влегува компанија која ќе има позитивно влијание на трговскиот биланс, но и директно ќе учествува во градењето на долгорочни, технолошки напредни и одржливи основи на економскиот раст и развој на земјата. БМЗ својот раст и развој го проектира врз основа на истражување и развој, на напредно знаење, што значи дека во нашето стопанство ќе донесе иновативни технологии, практики на управување и експертиза, кои воедно може да се пренесат и на домашните компании во Северна Македонија“, изјави Битиќи.

Инвестицијата ќе стартува како браунфилд, на постоечки објект во ТИРЗ Скопје 2, а во новиот капацитет, БМЗ ДООЕЛ Скопје ќе врши сериско производство на батериски производи. 

За потребите на инвестицискиот проект ќе се работи во најсовремена фабрика во ТИРЗ Скопје 2, организирана во три модули за производство и администрација со вкупна површина од 12.000 метри квадратни плус логистички центар. 

“БМЗ е компанија која произведува батерии и имплементира батериски системи во сектори кои во услови на интензивирана глобална транзиција кон зелена економија добиваат се понагласена пазарна вредност и можности за успех. Радува фактот дека оваа инвестиција е одговор на овие глобални трендови и ќе задоволува дел од побарувачката за батерии која расте на глобалните пазари”, вели Битиќи.

БМЗ е лидер во обезбедување цел животен циклус на литиум-јонски батериски системи со примена во различни индустрии. Групацијата BMZ Holding GmbH произведува батерии за електрични мопеди, тротинети, но исто така развива литиум-јонски батерии за енергетски, медицински, индустриски и други сектори.



Има седиште во Карлштајн на Мајна, Германија, а производствени капацитети има во Германија, Кина, Полска и САД. ПОседува и претставништва за продажба во Јапонија, Велика Британија и Франција.
Битиќи и Деспотовски денеска во Франкфурт учествуваат на тркалезна маса со германски стопанственици пред кои ќе го претстават инвестицискиот потенцијал на С.Македонија.