Пет економски институти предвидуваат дека бруто домашниот производ (БДП) во Германија ќе се намали за 0,6% во 2023 година, бидејќи зголемувањето на каматните стапки го зема својот данок врз економијата, а високата инфлација ја намалува потрошувачката.

Во пролетните прогнози се очекуваше раст од 0,3%.

Најважната причина за оваа ревизија е што индустријата и приватната потрошувачка закрепнуваат побавно отколку што очекувавме во пролетта“, рече Оливер Холтемолер, потпретседател и шеф на одделот за макроекономија во Институтот за економски истражувања Хале (IWH).

Деловното расположение неодамна повторно се влоши и севкупно, показателите сугерираат дека производството значително падна во третиот квартал на 2023 година, соопштија економските институти.

БДП се очекува да се намали за 0,4% во третиот квартал, по стагнацијата во вториот квартал.

Сепак, зголемувањето на платите следеше по поскапувањата, цените на енергијата паднаа, а извозниците делумно ги префрлија своите повисоки трошоци, што значи дека куповната моќ се враќа, велат економистите. Поради тоа, се очекува падот да стивне до крајот на годината.

Во последниот квартал од годината, се предвидува дека растот повторно ќе се засили, со скромна експанзија од 0,2%.

За 2024 година, институтите – четири германски и еден австриски – прогнозираат раст на БДП од 1,3%, што е намалување од претходната прогноза за раст од 1,5%.
За 2025 година се предвидува раст на на БДП од 1,5%.

Во следните години, сè поочигледна ќе биде намалената потенцијална стапка на раст поради намалената работна сила, велат економските институти.

Германија е најголем извозен пазар за македонската економија каде се пласира речиси половина од македонскиот извоз.