Продажбата на автомобили во Европа бележи раст 13-ти последователен месец, а растот во најголем дел е предводен од зголемената продажба на електрични возила.

Регистрациите на нови автомобили во август се зголемени за 21% на 904.509 примероци, објави во средата Европската асоцијација на производители на автомобили.

И покрај тоа што август вообичаено е побавен месец за продажба на автомобили, двоцифрените добивки покажуваат дека пазарот на ЕУ се враќа од минатогодишниот недостиг на компоненти. Двоцифрен раст на продажбите има на повеќето пазари, меѓу кои и на најголемите Германија (+37.3%), Франција (+24.3%) и Италија (+11.9%).


Продажбата на електрични возила се удвои пред Европската комисија да отвори истрага против субвенционирање на кинеските електрични автомобили овој месец.

Продажбата на електрични возила за прв пат надмина 20% од вкупната продажба на автомобили во ЕУ, што е првпат тие да сочинуваат повеќе од една петтина од целата продажба.
Продажбата на модели со нулта емисија се зголеми повеќе од двојно, при што во авгус биле продадени 165.165 електрилни автомобили, покажаа податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Во првите осум месеци од 2023 година, во ЕУ беа продадени речиси 1 милион целосно електрични автомобили.

Моделите со внатрешно согорување сочинуваа помалку од 50% од продажбата во август. Plug-in хибридите – кои се состојат и од мотор и од батерија што се полни – сочинуваат 7,4% од продажбата, додека целосните хибриди – со поголема батерија што се полни од моторот, а не од приклучокот – сочинуваат 23,9% од продажбата.

Дизел моделите учествуваа со само 12,5% од продажбата.

Најдобриот европски продавач на автомобили, Volkswagen забележа зголемување на продажбата од 21,2% во август, објави ACEA. Stellantis и Renault забележаа раст на продажбата за 6,4% и 22,3%, соодветно.