Вредноста на исплатените штети за приватно здравствено осигурување за првите пет месеци годинава пораснале за 28,5 % во однос на истиот период лани. Исплатите за каско осигурување се зголемени за 26%, а на приватното здравствено осигурување пораснале 28,5%. Компаниите за неживотно осигурување за пет месеци исплатиле над 58.400 штети

Осигурениците наплатија 324,4 милиони денари (5,3 милиони евра) од осигурителните компании за медицински трошоци покриени со нивните полиси за приватно здравствено осигурување во првите пет месеци годинава, покажуваат податоците кои осигурителите ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Осигурителните компании годинава исплатија 1,2 мил.евра повеќе пари за медицински трошоци покриени со осигурување во споредба со истиот период лани. Во зависност од видот на осигурување, премијата и осигурените суми осигурениците добиваат покритија за трошоци направени за приватни прегледи, испитувања, снимања и операции. Приватното здравствено осигурување е најпопуларен осигурителен продукт меѓу другото и затоа што се поголем број на компании го користат во нивните политики за привлекување работници, а воедно и за лојалност за вработените.

Во првите пет месеци вредноста на исплатените штети за сите класи неживотно осигурување изнесува 1,95 милијарди денари (31,7 мил.евра). Во однос на истиот период во 2023 година вредноста на штетите што ги исплатиле компаниите за осигурување е повисока за речиси 2 милиони евра односно за околу 7 отсто.

Процентуално највисок раст на исплатените средства за штети покриени со осигурување има кај патничкото осигурување. За првите пет месеци осигурителите за изгубен багаж, медицински трошоци при патување во странство и други штети покриени со тоа осигурување исплатиле 42,9 милиони денари (700.000 евра). Тоа е за 40 отсто повеќе од истиот период лани.

По приватното здравствено осигурување, од сите доброволни класи, најголема исплата на штети има за каско осигурени возила. За пет месеци нивните сопственици од пријавени штети наплатиле 303,5 милиони денари (4,9 мил.евра). И тоа е за 26 отсто повеќе од претходната година.

Во најголемата осигурителна класа, која воедно е и законски задолжителна, тоа е автомобилската одговорност се исплатени 998,4 милиони денари (16,2 мил.евра). И тоа е малку повеќе од половина од вкупно исплатените средства за штети покриени со осигурување.

Во првите пет месеци годинава 11 осигурителни компании за неживотни осигурувања исплатиле над 58.400 штети на осигуреници.

Повеќе информации за осигурителниот пазар се достапни на следниот линк https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/