Двете најголеми контејнерски линии во светот привремено ги прекинаа товарниот транспорт до и од Русија како одговор на западните санкции кон Москва по нејзината инвазија на Украина, како дополнителен удар за трговијата со земјата.

MSC, најголемата светска компанија за транспорт на контејнери по капацитет со седиште во Швајцарија, во известувањето за клиентите потврдува дека од 1 март воведува „привремено запирање на сите карго резервации до и од Русија, покривајќи ги сите пристапни области, вклучувајќи ги Балтикот, Црното Море и Далечната Источна Русија“.
„MSC ќе продолжи да прифаќа резервации за испорака на основни стоки како што се храна, медицинска опрема и хуманитарни стоки“, се вели во извештајот.

Данскиот Maersk во одделно соопштение информира дека привремено ќе го запре транспортот на контејнери до и од Русија, додавајќи дека суспензијата што ги опфаќа сите руски пристаништа, нема да вклучува прехранбени производи, медицински и хуманитарни материјали.

„Бидејќи стабилноста и безбедноста на нашите операции веќе директно и индиректно се под влијание на санкциите, новите резервации на Maersk во океанот и внатрешноста кон и од Русија привремено ќе бидат суспендирани“, се вели во соопштението на компанијата.
Потезите следуваат по слични одлуки кои веќе ги преземаа Ocean Network Express со седиште во Сингапур и германската Hapag Lloyd , ефективно отсекувајќи ја Русија од водечките светски компании за транспорт на контејнери.

Во изминатата година светот се бори со тесните грла на синџирот на снабдување предизвикани од зголемената побарувачка за малопродажни стоки транспортирани на контејнерски бродови, што предизвика голем раст на цената на контејнерскиот транспорт.
MSC рече дека директно ќе контактира со клиентите во однос на секој товар поврзан со Русија кој веќе бил во транзит.

Maersk поседува 31% од рускиот пристанишен оператор Global Ports, кој управува со шест терминали во Русија и два во Финска. Меѓу акционерите на Глобал Портс се и руската државна нуклеарна компанија Росатом и рускиот бизнисмен Сергеј Шишкарев.

Компанијата со седиште во Копенхаген има околу 500 вработени во Русија. Минатата недела привремено ги стопираше сите пристанишни повици во Украина, каде што има околу 60 вработени во Одеса.

Извор: Reuters