Продажбата на нови автомобили во Европа бележи намалување во март, деветти месец по ред, бидејќи растечките проблеми со синџирот на снабдување заради војната во Украина, продолжија силно да го погодуваат автомобилскиот сектор во регионот, покажуваат најновите податоци на Асоцијацијата на производители на автомобили во регионот ACEA.

Бројот на нови возила регистрирани во Европската унија бележи пад од 20,5% во март. Продажбата на автомобили во Европа опаѓа веќе деветти последователен месец, со продадени 844.187 автомобили во март годинава.

Сите четири главни пазари на Европската унија – Шпанија, Италија, Германија и Франција – бележат двоцифрен пад на регистрациите на нови автомобили во март и тоа 17,5% во Германија, 19,5% пад во Франција, Италија има пад од 29,7% и најголем пад на продажбите на автомобили од 30,2% има во Шпанија.

Руската инвазија на Украина го попречи производството на локалните добавувачи, принудувајќи ги Volkswagen AG и BMW AG привремено да го стопираат производството.

Производителите на автомобили, исто така, почнаа повторно да ги влошуваат прогнозите за подобрувања во достапноста на полупроводниците, проблем кој сега се очекува да продолжи дури до крајот на следната година.

Продажбата во Европа се очекува едвај да се подобри оваа година, при што инфлацијата најверојатно ќе влијае дополнително на намалување на побарувачката за автомобили, се вели во извештајот на LMC Automotive.


За европската автомбилска индустрија е врзан над 50% од македонскиот извоз, а во фабриките кои произведуваат автомобилски делови во Македонија се вработени над 20 илјади лица.

За производителите на автомобили, руската инвазија на Украина ги попречи локалните добавувачи на жичани производи, принудувајќи ги VW и BMW привремено да го стопираат производството.

Volkswagen AG минатата недела предупреди на поголеми проблеми во снабдувањето и непредвидливи промени на цените на суровините, бидејќи главниот производител на никел, алуминиум и челик Русија се соочува со притисок од санкциите.

Според податоците од одделни производители, најголем пад на продажбата во март има Stellantis од 32,9%, следи групацијата Volkswagen со пад од 24,3% и Renault со пад на продажбата од 14,1%.

Проценките на индустријата се дека недостигот на делови и запирањата на производството поврзани со војната во Украина ќе го одложат очекуваното закрепнување на автомобилската индустрија.