Предноста на регионот на Западен Балкан во однос на другите дестинации за инвестиции, во светло на новите глобални случувања и приближувањето на синџирите на снабдување, како и можностите и придобивките за инвестирање во регионот на Западен Балкан беа главните теми на Инвеститорската конференција за Западен Балкан организирана од Западен Балкан 6 Коморски инвестициски форум (WB6 CIF) и Регионалниот совет за соработка (RCC), а поддржан од Европската Унија.
Пред европски инвеститори од Австрија, Италија, Словенија и Хрватска беа претставени можностите што ги нуди регионот за странските инвестиции како и предностите на заедничкиот регионален пазар.
На панелот посветен на странските директни инвестиции во регионот на ЗБ6 и кои се главните предности, предизвици и ризици Јован Деспотовски директор на ТИРЗ го презентираше новиот концепт на ТИРЗ.
“Она што го правиме, а може да се преслика во целиот регион, е што престанавме да бидеме предвидливи. Спроведовме повеќе пилот проекти за ефикасно искористување на достапните ресурси со цел да донесеме инвеститори кои ќе донесат додадена вредност – повеќе и подобро платени места и повеќе пари во буџетот. Се поставивме како партнери и ко-инвеститори и заедно со компаниите ги делиме успесите и ризиците. Ги слушаме потребите на инвеститорите, но и јасно ставаме до знаење што државата очекува од нив. Нудиме јасна и применлива регулатива, ефикасни услуги а возврат бараме добро платени работни места за нашите сограѓани, зголемена уплата на даноци од кои се финансира образованието, здравството, инфраструктурата, а вложуваме и во дообука на вработените во зоните. Анализите и бројките покажуваат дека успеваме во тоа – само годинава имаме раст од 15% на вработени и зголемени уплати во буџетот, додека компаниите бележат раст на извозот и профитот. Растеме заедно”, вели Деспотовски.
Деспотовски нагласи дека со нов паметен пристап, регионот може да го забрза напредокот и да се намали заостанувањето зад европското ниво.
“Тоа што имаме заедничко минато, се разбираме меѓусебе и имаме заедничка култура и традиција е она што го прави овој регион различен од другите и тоа е нашата предност. Регион со пазар од над 20 милиони е поатрактивен за инвеститорите отколку ако настапуваме посебно како конкуренти. Така заедно може да станеме една од главните глобални дестинации за инвестиции и да креираме европски услови за работа и плати во регионот и да ги задржиме младите дома.”
На средбата на учествуваа над 70 претставници на компании од Словенија, Италија, Австрија и Хрватска, агенции за промоција на инвестиции од Западен Балкан, министерства одговорни за инвестициска политика и промоција, регионални организации и меѓународни финансиски институции, беа презентирани можностите и предностите на водење бизнис во регионот на Западен Балкан, а беа прикажани и примери на успешни инвестиции во регионот.
Западен Балкан 6 Коморски инвестициски форум (WB6 CIF) е заедничка иницијатива на стопански и индустриски комори од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Коморите воспоставија платформа за соработка во 2017 година со цел да се обезбеди заеднички глас на бизнис заедницата во регионот и да се олеснат меѓуделовните контакти и да се промовира регионот како една инвестициска дестинација.