Цената на бензините од ноќеска на полноќ се намалува за еден денар по литар, а дизелот поевтинува за 2,5 денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,41 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 88 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 90,5, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 100,5 денари за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,5 денари за литар и ќе изнесува 97 денари.

Со одлуката на РКЕ за 0,436 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС кој сега ќе чини 49,483 денари.

Како причина за намалувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат намалените референтни цени кај бензините во просека за 1,397 отсто, кај дизелот за 2,84, кај екстра лесното масло за 1,931 и кај мазутот за 0,422 отсто, како и за 0,574 отсто понискиот курс на денаро во однос на доларот.

“Со оваа одлука се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,41%. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,397% или за 12,300 $/тон, кај дизелот намалувањето е во
просек за 2,840% или за 32,600 $/тон, кај екстра лесното масло намалување во просек за 1,931% или за 20,750 $/тон и кај мазутот намалување во просек за околу 0,422% или за 2,250 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 62,9053 ден/$ и е за околу 0,574% понизок од курсот на доларот (63,2685ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка”, велат од Регулаторна комисија.