За еден денар се зголемува цената на бензините, а на дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство за денар и пол, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Од полноќ во следните седум дена, Еуросупер БС-95 ќе се продава по цена од 76,5 денари, Еуросупер БС-98 по цена од 78,5 денари, а новата цена на дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство ќе изнесува 69 денари за литар.
Малопродажната цена на Мазутот се зголемува за 1,103 денар/килограм и сега ќе изнесува 42,827 денари за килограм.
Новите повисоки цени на нафтените деривати се должат на зголемувањето на цените на светските берзи во изминатиот седумдневен период.
“Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневен период бележат зголемување кај бензинот во просек за 3,166 % или за 23,950 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за 5,266 % или за 36,150 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 5,419 % или за 37,050 $/тон, и кај мазутот зголемување во просек за околу 3,778 % или за 19,300 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 54,3045 ден/$ и е за околу 0,341% понизок од курсот на доларот (54,4905 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка”, објаснуваат од Регулаторната комисија на енергетика.