Кондиторската фабрика Европа објави дека изминатата 2020 година работела со раст на приходите од продажба од 4% и раст на нето добивката од 10,4%.
Според денеска објавениот извештај на Македонската берза, Европа минатата година остварила вкупни приходи во вредност 13,2 милиони евра, кои се за 4% поголеми во однос на приходите остварени во 2019 година. Од нив 13 милиони евра се приходи од продажба на производи.
Поголемиот дел од приходите од продажба на Европа лани или 7,2 милиони евра (55,5% од вкупните продажби) се остварени од продажба на странски пазари и тие се за 1% поголеми од претхпдната 2019 година.
Од продажби на домашниот пазар Европа лани остварила приходи од 5,8 милиони евра, кои бележат годишен раст од 6%.
Оперативните расходи во 2020 година се зголемени за 6,3%, а финансиските расходи се намалени за 3,2% во однос на 2019 година.
Кредитната задолженост на компанијата е ниска, бидејќи има намалување на долгорочните кредити за 59,8% во однос на 2019 година, кои се наменети за инвестиции.
Планот за вкупната продажба за 2020 година е остварен со 103,3%, а надминат е и планот за производството за 7,8%.
Кондиторската фабрика Европа минатата година ја завршила со позитивен финансиски резултат од 1,3 милиони евра, кој е зголемен за 10% во претходната година.
На годишното собрание на акционери е одобрено Европа да исплати бруто дивиденда од 60 денари по акција.