Европската комисија предвидува пад од 4,9% за македонската економија годинава, објави денеска шефот на Економскиот оддел при Делегацијата на Европската комисија во земјава, Фрек Јанмат, презентирајќи го Есенскиот извештај за економските прогнози на ЕК за Северна Македонија.
“Напролет, кога почна пандемијата, предвидовме дека за 2020 година БДП на Северна Македонија ќе има негативен раст од 3,9% , но сега ја корегиравме оваа бројка и сметаме дека ќе изнесува -4,9 %. Економијата до крајот на годината не ќе може да се опорави, а клучен проблем, која не се однесува само на земјата, туку глобално, е можноста ковид панедмијата да трае подолго”, изјави Јанмат .
Извештајот на ЕК предвидува бавно и неизвесно економско закрепнувањена македонската економија со раст на БДП од 3,8% во 2021 година и раст од 3,5% во 2022 година.
Домашната побарувачка, иако е поддржана од владините мерки, останува „пригушена“ и по укинувањето на мерките за ограничување. Остриот пад на дознаките влијае негативно на трошоците на домаќинствата“, вели ЕК во делот на извештајот за нашата земја.
Како што се додава, постојат срамежливи знаци дека закрепнува надворешната побарувачка, а растот на приватната потрошувачка и инвестициите се предвидува да се вратат во четвртиот квартал.
„Водено од домашната побарувачка, целосно закрепнување на нивоата пред КОВИД веројатно ќе траат до 2022 година. Фискалниот дефицит, значително се проширува во 2020 година, се очекува да се намали постепено во 2021 и 2022 година“, се вели во Извештајот.
ЕК предвидува извозот годинава да се намали за 15,5%, а следната 2021 година да има раст од 15,3% и раст до 12% во 2022 година. Увозот годинава се очекува да се намали за 12,5%, следната 2021 година да порасне за 14,9%, а во 2022 година растот да биде 13,1%.
Ризиците од надворешна страна главно се препишуваат на потенцијално слабите изгледи на автомобилската индстрија во Германија.
“Влијанието врз пазарот на трудот ќе остане благо. По силниот раст на вработеноста во 2019 година, пазарот на трудот добро се држеше досега. Падот на вработеноста беше мал во вториот квартал, бидејќи, пред се, странски копании ги задржаа своите квалификувани работници на платниот список. Со оглед на значителната владина поддршка за вработувањето, загубите на работни места предизвикани од кризата, најверојатно ќе останат благи и во втората половина на годината. Постепено продолжување на растот на вработеноста се предвидува за 2021 и 2022 година, во согласност со економското закрепнување, нагласи Јанмат.