Европската комисија се откажа од предлогот за намалување на употребата на пестициди за да се задоволат земјоделците кои веќе неколку недели протестираат и блокираат патишта и градови во земјите од Европската унија.
Таа одлука на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен е најновиот показател дека ЕУ е подготвена да ги жртвува еколошките приоритети за да ги смири земјоделците и да ги држи на своја страна.
И покрај отстапките, протестите продолжија низ земјите на ЕУ – од Холандија до Шпанија и Бугарија.
Земјоделците велат дека мерките како што е намалувањето на употребата на пестициди ги зголемуваат бирократските оптоварувања и ги држат пред компјутери наместо на полињата и го зголемуваат јазот во цените меѓу нивниот производ и евтиниот увоз што го произведуваат странските земјоделци без слични оптоварувања.
“Предлогот за пестициди стана поларизирачки симбол. За да се оди напред, потребен е повеќе дијалог и поинаков пристап”, рече фон дер Лајен во говорот во Европскиот парламент во Стразбур.
Таа призна дека предлогот е направен без консултација со земјоделците. Не се знае кога ќе биде составен новиот предлог.
Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат во јуни, а судбината на земјоделството стана централна тема во кампањата, а климатските прашања беа дури и потиснати во последните недели.
Според „Европскиот зелен договор“, ЕУ има за цел двојно да ја намали севкупната употреба на пестициди и други опасни материи до 2030 година.
Предлогот беше критикуван и од екологистите, кои тврдеа дека тој е недоволен за да се постигнат целите за одржливост, а земјоделските групи инсистираа дека тој е неспроведлив и дека земјоделците ќе ги загубат своите работни места.
Минатата недела, Фон дер Лајен ги објави плановите да ги заштити земјоделците од ЕУ од поевтините производи од Украина и да им дозволи да користат земјиште што мораа да го чуваат необработено од еколошки причини.
Во Франција, каде протестите беа огромни, владата вети повеќе од 400 милиони евра дополнителна финансиска помош.