ЕУ ќе и додели 66 милиони евра на Македонија за справување со корона вирусот

Евроамбасадорот Самуел Жбогар објави на својот твитер профил дека Европската Унија ќе ѝ помогне на Македонија во борбата против коронавирусот со 66 милиони евра.

„Заедно сме во борбата против овој злобен вирус. Во ова тешко време, ЕУ ќе ја поддржи Македонија со 4 милиони евра за итни потреби, 50 милиони евра за социоекономско опоравување, 9 милиони евра за приватниот сектор, 3 милиони евра директна поддршка за буџетот“, напиша Жбогар на Твитер.

И министерот за надворешни работи Никола Димитров потврди дека земјата ќе добие 66 милиони евра од ЕУ за справување со состојбата со коронавирусот.

Тој оцени дека ова е исто така важна порака во смисла на европска солидарност од ЕУ, која вчера даде препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Димитров истакна дека очекува годинава да почнат претристапните преговори.

-Ние оваа одлука ја заслуживме и во 2019 година и во јуни 2019 и во октомври 2019. Јас мислам дека е чесно да се очекува ние да почнеме оваа година пристапни преговори со првата меѓувладина конференција. Ако успее комисијата тоа да го направи во јуни веднаш потоа ќе ги почнеме, меѓутоа непредвидливоста со коронавирусот и кај нас влијае и во ЕУ влијае. Важно е дека големата барикада е зад нас и дека ние се пробивме, истакна Димитров.