Европската централна банка (ЕЦБ) ја зголеми референтната каматна стапка за 25 базични поени, на 4,0%. Референтната каматна стапка сега е највисока од 2001 година, односно во последните 22 години.
Каматната стапка на депозитите е зголемена на 3,5%, што е највисока во последните 15 години.
„Инфлацијата паѓа, но според прогнозите ќе остане на високо ниво предолго. Управниот совет на ЕЦБ е решен навремено да ја потисне инфлацијата до два проценти. Затоа денеска покачи три клучни каматни стапки за 25 базични поени“, се наведува во соопштението на веб-страницата на ЕЦБ.
Европската централна банка осми пат по ред ја зголемува референтната каматна стапка, а во последната година таа се зголеми за дури 375 базични поени.
Претходно, на 4 мај, ЕЦБ ја зголеми референтната каматна стапка за 25 базични поени, на 3,75%. Каматната стапка на депозитите тогаш беше зголемена на 3,25%.
Таа одлука, која е во согласност со претходните очекувања на пазарот, стапи на сила на 10 мај. Во мајското соопштение се навестуваше дека идните одлуки на ЕЦБ ќе се водат од целта за сузбивање на инфлацијата во еврозоната до два отсто.
Во трите претходни последователни месеци, април, март и февруари, ЕЦБ ја зголеми референтната каматна стапка за по 50 базични поени, а мај го забележа седмиот последователен пораст на каматната стапка.
Притисокот на цените е силен
Директорката на Европската централна банка Кристин Лагард на 5 јуни рече дека ценовните притисоци се „силни“ и истакна дека ЕЦБ ќе ги зголеми каматните стапки доволно за да ја намали инфлацијата и ќе ги задржи „колку што е потребно“.
Лагард потоа истакна дека инфлацијата претставува најголем товар за обичните луѓе, особено оние кои имаат ниски приходи и трошат најголем дел од својот приход на храна и енергија.
Високата инфлација, особено во сегментот на храна и енергија, ја забави европската економија бидејќи потрошувачите се принудени да трошат повеќе пари на неопходни работи, оставајќи им помалку да трошат за други работи.
Лагард призна дека повисоките каматни стапки ги зголемуваат трошоците за задолжување и го намалуваат обемот на банкарските заеми.
ЕЦБ ги зголемува каматните стапки со најбрзо темпо во својата историја од јули 2022 година, откако инфлацијата достигна рекордно високо ниво во последните 40 години.