Европската централна банка (ЕЦБ) на денешната седница ја зголеми референтната каматна стапка за половина процентен поен, со што основната стапка се зголеми од 1,5% на 2,0%.

Ова е четвртото зголемување на стапката на ЕЦБ оваа година. Таа ги зголеми каматните стапки за 75 базични поени во октомври и септември, а за 50 базични поени во јули, со што ги извади своите стапки од негативна територија за прв пат од 2014 година.

– Управниот совет проценува дека каматните стапки сепак ќе треба значително да растат со стабилно темпо за да достигнат нивоа што се доволно рестриктивни за да се обезбеди навремено враќање на инфлацијата до среднорочната цел од 2,0%, се вели во соопштението на ЕЦБ.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, на прес-конференција рече дека треба да се очекуваат дополнителни зголемувања на каматните стапки за 50 базични поени за „значителен временски период“.

ЕЦБ прогнозира просечна инфлација од 8,4 отсто во 2022 година, 6,3 отсто во 2023 година, 3,4 отсто во 2024 година и 2,3 отсто во 2025 година.