Владата ја прекина либерализацијата: Ќе се спасува државниот загубар МЖ Транспорт, економијата ќе почека за поевтин и побрз железнички транспорт
Заради лошата состојба во која се наоѓа железницата, секоја година се помалку стоки се превезуваат преку железничкиот транспорт, кој важи за најевтин транспорт.
Статистиката покажува дека само во изминатите 15 години, трикратно се намалени се количините на стоки кои се превезуваат преку железница.
Така во 2011 година преку железничкиот транспорт биле превезени близу 2,8 милиони тони стока. Во 2022 година преку железничките пруги низ земјава биле транспортирани само 1,4 милиони тони стоки, што е за 50% помалку од пред 12 години. Ако се спореди, пак, со 2008 година кога низ македонските железници се превезувале над 4,2 милиони тони стока, тогаш превезените количини се трикратно намалени.
Бизнис заедницата веќе подолго време бара да се либерализира железничкиот транспорт и да се дозволи влез на приватни оператори. Иако либерализацијата на железнничкиот сообраќај беше најавена од 2017 година и минатата власт предводена од СДСМ донесе законски измени со кои презема обврска за либерализација на, новата Влада предводена од Вмрдо-Дпмне одлучи да ја прекине либерализацијата.
По предлог на Министерството за транспорт, македонското Собрание пред три дена ги изгласа измените на Законот за железнички систем кој предвидуваа либерализација на железничкиот сообраќај и транспорт. Со изгласаните измени се избриша членот 65-а од Законот во кој беа пропишани одредби за правно или за физичко лице што врши превоз за сопствени потреби, да има право на пристап до железничката инфраструктура и да може да врши превоз на железничката инфраструктура со плаќање на надомест за користење на инфраструктурата.
Министерот за транспорт Александар Николоски образложи дека измените се поради тешката финансиска состојба на МЖ Транспорт и дека во координација со Европската комисија во рамки на Планот за раст е договорено да се тргне обврската за либерализацијата.
”Со овие измени, практично го спасуваме АД „МЖ – Транспорт“, каде што работат голем број лица, кои имаат семејства и треба да ги прехрануваат. Во изминатите два месеца, активно работиме на тоа да земаат плати. Во координација со ЕК, во рамките на Планот за раст, се договоривме да се тргне обврската на Македонија за либерализација на железничкиот сообраќај, затоа што кога би се реализирала, ова претпријатие, кое и онака е во тешка финансиска ситуација, целосно би колабирало”, објасни министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Акционерското друштво „МЖ – Транспорт”, кое е во целосна државна сопственост и има монолоп на железничкиот транспорт. Но, и покрај монополот, компанијата со години наназад работи со загуби, а натрупаните долгови надминуваат 90 милиони евра.
Министерот Николовски изјавии дека се прават напори компанијата да се врати во форма. “Неколку локомотиви веќе се вратени во операција за карго- превоз, кој е најдоходовен. Во следниот период, ќе се изнајмат уште четири-пет локомотиви, за што ќе се разговара за соработка со Србија”, изјави Николовски.
Сега веќе укинататата либерализација ќе значеше отворање на железничките пруги за други оператори, што сосема извесно ќе резултираше со поевтин и побрз железнички транспорт за македонските компании.
Со ова, Македонија, Албанија и Косово се единствените земји во регионот кои го немаат либерализирано железничкиот транспорт, кој важи за најевтин, но и еколошки најприфатлив транспорт.
.