Пандемијата на Ковид 19 предизвика значително нарушување на глобалната трговија, создавајќи невидени досега шокови и на страната на понудата и на страната на побарувачката. Тоа за многу извозни компании значеше намалени продажби и приходи, намалени профити и проблеми со ликвидноста, притисок за намалување на бројот на работници и намалени инвестиции.
Но, токму извозните компании можат да бидат моторот на економското посткризно заздравување ако Владата со одредени мерки и политики ги олесни ограничувањата кои ги создаде пандемијата и го поттикне нивниот потенцијал.
Институтот за економски истражувања и политики Finance Think неодамна објави сеопфатна студија фокусирана на препреките и потенцијалите на извозно ориентираните компании во Северна Македонија пред, за време и по пандемијата на COVID-19, во која се објавени и предлог политики со кои Владата би можела да ги поттикне нивните потенцијали.
“Генерално, извозно ориентираните компании во земјата имаат потенцијал за инвестиции, имаат потенцијал за инвестиции во технологија, пораст на производство, реадаптација и поддршка на дуалниот процес на образование. Отпорноста на извозниците на шокови на страната на побарувачката зависи од нивната флексибилност да го реадаптираат производството според „новото нормално“ опкружување во текот на пандемијата, како и од нивниот потенцијал да таргетираат нови пазари да ги надоместат загубите на постоечките. Најголем дел од извозниците (46.4%) имаат капацитет и можност да го реадаптираат производството, додека дополнителни 19.7% имаат можност, но се соочуваат со ограничувања, од кои ограничувањата во човечките ресурси доминираат. Поголемата адаптабилност сугерира дека извозниците имаат потенцијал подобро да ги амортизираат шоковите на побарувачката и да се вратат на „старата патека“ на раст кога пандемијата ќе заврши”, вели Благица Петрески, извршен директор на Finance Think.
Пандемијата силно ги погоди извозниците, но отвара и нови можности за раст кои треба да се искористат
Наодите добиени со сеопфатно истражување на извозно ориентираните компании покажуваат дека има пет сегменти во кои извозните компании се силно погодени од пандемијата на Ковид 19, и тоа ликвидноста, синџирите на снабдување, конкурентноста, побарувачката и работната сила.
Резултатите покажуваат дека пандемијата на Ковид 19 предизвика систематско забавување на приходите, профитот, инвестициите, капиталот, вработеноста и растот на платите кај извозниците во земјава.
При тоа, најтешко погодени беа автомобилската и индустријата за електронска опрема.
“Оние извозни компании кои имаат ограничен пристап до финансии, поголема увозна изложеност кон пазарите во ЕУ, кои се трудоинтензивни, помалку конкурентни и со поголема извозна изложеност кон пазари надвор од ЕУ се помалку издржливи кон пандемските шокови и овие карактеристики ќе претставуваат главни пречки со кои ќе се соочуваат извозниците во фазата на посткризно опоравување”, се вели во Анализата на Finance Think.
И покрај идентификуваните ограничувања и се уште постоечките предизвици и загуби за компаниите, кризата може да открие и нови можности за раст и проширување, посебно за извозниците и мултинационалните корпорации кои работат во економии во развој и во Северна Македонија.
Во анализата на Finance Think се посочува дека потенцијалите може да се идентификуваат во процесот на диверзификација и реориентација на производството од далечните пазари заради што пандемијата на Ковид 19 може да создаде можности за постојните извозно ориентирани компании кои работат во технолошките индустриски зони, потенцирајќи го нивното значење во пост-Ковид 19 економското заздравување.
Но, Виктор Мизо, директор на Костал Македонија и претседател на Асоцијацијата на производители со високо напредно технолошко производство смета дека ова е веќе во голем дел пропуштена можност, посебно за привлекување на нови и сериозни мултинационални производствени компании.
“Голем број на земјите конкуренти сериозно се посветија и активно работат на оваа тема уште од почетоците на кризата, а реално и пред тоа, бидејќи притисоците кон синџирте за снабдување и процесот за реалокација и nearshoring беа присутни и пред пандемијата. Активното лобирање кај компаниите е долгорочен процес кој подразбира креирање на доверба и најчесто и личен конктакт кој може да резултира со потенцијални инвестиции. За жал, кај нас изостанува детално и длабинско познавање и анализа на овие сектори, а недостасуваат и секторски специјалисти кои работат во институциите за привлекување на инвестиции и кои секојдневно активно ги следат трендовите во индустријата, со релевантно техничко и бизнис искуство, по примерот на Србија, Унгарија, Чешка, Полска, Ирска…Од тие причини треба да сме свесни дека е значително намален просторот и времето за маневар во привлекување на мултинационани производствени компании, барем на краток рок”, вели Мизо.
Она што ни преостанува како држава, смета Мизо, е со директен, активен и непосреден контакт со постоечките компании кои се веќе присутни во земјава да се лобира и издејствува процес на реинвестирање во периодот на заздравување на европската економија и во процесот на зголемена побарувачка во следниот период. Овој процес на заздравување, барем во автомобилската индустрија, вели Мизо, ќе биде бавен имајќи ги предвид негативните фактори влијаат врз намалување на продажбите и производството во Европа, имајќи во предвид дека компаниите од оваа индустрија кои работат дополнително се соочуваат со ограничен пазар на труд и квалификувана работна сила, пониска продуктивност и многу често непотребни бирократски постапки.
Со какви мерки може Владата да го поттикне потенцијалот на извозните компании за побрзо пост Ковид 19 економско заздравување?
Во Анализата се наведува дека има простор за мерки со кои Владата би можела да им помогне на извозниците со цел да ги надминат најголемите ограничувања кои ги наметна пандемијата и да го поттикне нивниот потенцијал за побрзо економско заздравување.
Анализирајќи ги најголемите ограничувања со кои се соочуваат извозните компании, во анализата на Finance Think се предлагаат мерки и политики со кои може да се делува на нивното олеснување и со кои може да се зголеми потенцијалот за побрзо економско заздравување, кои можат да се групираат во следниве сегменти:
# намалување на зависноста на извозниците од далечните пазари и стимулирање релокација на производни капацитети и намалување на трошоците за инпутите,
# стимулирање на поголемо поврзување со домашната економија,
# субвенционирање на освојување на нови пазари и економска дипломатија,
# aдаптација на производството до дополнителни и комплементарни производи,
# поддршка за развој на квалификуван кадар преку субвенции за за тренинг и едукација и дуално образование,
# стимулирање на побрзо воведување нова технологија,
# oлеснување на пристапот до финансии,
Останува да видиме колку од овие мерки ќе се најдат во петтиот пакет економски мерки, за кои Владата најави дека ќе биде насочен кон рестарт на економијата.
Благица Петрески од Finance Think вели смета дека петтиот пакет мерки, треба да овозможни лесна транзиција од фазата на ранливост во фаза на закрепнување на економијата.
“Иако се уште има сегменти од економијата кои се ранливи, а неизвесностите постојат, сепак фазата кога треба да размислуваме за закрепнување е зрела, и треба да се одрази во овој пакет мерки.
Во таа насока, една од мерките – укинување на царинските стапки за клучни инпути која е дел од петтиот пакет мерки, е во целосна линија со препораката дадена во студијата на Finance Think. Резултатите покажаа дека оваа мерка треба да биде значаен стимул за зголемување на инвестициите (раст до 27%) , производството и конкурентноста (раст до 13%), но и да ја зголеми атрактивноста на земјата за привлекување странски инвестиции”, вели Петрески.
Уште една мерка, која според Мизо, би придонела за зголемување на конкурентноста на автомобилската индустрија, која создава околу 50% од македонскиот извоз, е законското решение за целосно усогласување на царинските стапки за репроматеријали со истите во ЕУ.
“Дополнителниот проактивен пристап кон адресирање на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат странските компании во земјава ќе придонесе до зголемена сигурност и доверба која може и треба да резултира сo потенцијал за доинвестирање на постојните компании и проширување на обемот на производство”, додава Мизо.
Анализата на Finance Tсhink посочува дека при креирање на потенцијалните мерки би требало да се земе во предвид фактот дека помалите извозници, главно во домашна сопственост и трудоинтензивните дејности се поранливи на кризата и дека имаат различни потреби за различни мерки за поддршка.
Ова би можело да се постигне со разгледување на какви било нови мерки како надополнување на постојните, особено субвенции за задржување на работниците и евтините заеми преку Развојната банка.
Исто така, наодите од истражувањето на Finance Think покажуваат дека извозниците со повисок технолошки напредок се поиздржливи на шоковите кои ги предизвика кризата и покрај тоа што се соочуваат со нарушувања во понудата и побарувачката. Тоа создава простор фазата на закрепнување да биде поттикната со мерки што го олеснуваат побрзото усвојување на машини, опрема и практики што ги унапредуваат технолошко ниво на извозници.
Една од мерките кои се предлагаат во анализата на Finance Thinк е воведување на долгорочни кредити по поволни услови.
“Во просек, бескаматните долгорочни кредити би предизвикале пораст во технолошкото ниво од 18%, но има разлика во однос на трудоинтензивноста. Извозиците со повисока трудоинтензивност преферираат бескаматни долгорочни кредити за да го зголемат своето технолошко ниво, додека капитално-интензивните преферираат ослободување од ДДВ за набавка на машини и опрема”, објаснува Петрески.
Сепак, во анализата се потенцира, дека секој технолошки напредок ќе биде ограничен ако не биде придружен со потребни вештини кои недостасуваа на македонскиот пазар на работна сила и пред пандемијата. Заради тоа побрзото закрепнување ќе се постигне со зголемување на достапноста на вештините на систематски начин и прилагоден на потребите на извозно ориентраните компании.
“Во поглед на човечкиот капитал, извозно ориентираните компании се соочуваат со ограничувања и потешкотии за наоѓање квалификувана работна сила. Но, истовремено, кај овие компании постои потенцијал да бидат активен премостувач на овој проблем преку вклучување во процесот на дуално образование. Па така, доминантен дел од извозниците (46%) имаат капацитет да учествуваат во процесот на дуално образование, додека дополнителни 14.5% би учествувале доколку имаат соодветно стручно училиште”, вели Благица Петрески од Finance Think.