Негативните ефекти од пандемијата на Ковид 19 врз трговската размена се уште се чувствуваат силнио во мај, иако има подобрување во однос на парил, со оглед дека трговската размена со странство на македонските компании во овој месец е помала за 52% во споредба со истиот месец лани.
Денеска објавените податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека македонските компании во мај извезле стоки во вредност од 339 милиони евра, што е за 39,2% помалку во споредба со истиот месец. Пандемијата има влијание и врз увозот кој во мај изнесувал 455 милиони евра и е за 36,5% помал во споредба со истиот период лани.
Ако се гледа, пак, периодот јануари- мај вкупниот извоз за овој период изнесува 1,96 милијарди евра и бележи пад од 25,4% во споредба со истиот период лани, додека увозот за истиот период изнесувал 2,74 милијарди евра и бележи пад од 20,8%.
Во споредба со април, кога имаше најголем пад на извозот и увозот, во мај има подобрување, односно извозот на месечно ниво е зголемен за 60,8%, додека увозот е зголемен за 21,8%.
Со тоа покриеноста на ивозот во мај изнесува 74,6%, што е подобрување во однос на април кога покриеноста на увозот со извозот падна на 56,5%.
Ако се гледа по производи најзастапени во извозот и во првите пет месеци годинава се катализаторите, сетовите на проводници за палење за возила, деловите на седишта и автобусите, при што пад има во сите групи на извозни производи. Извозот на горива бележи најголем пад од 42,5% , извозот на хемиски производи има пад од 35,2%, извозот на машини и транспортни уреди од 31, 4%, извозот на пијалоци и тутун има пад од 20%. Извозот на храна има најмал пад од 8,5% во првите пет месеци годинава.
Најголем дел од извозот или 76,2% во првите пет месеци бил насочен кон земјите од Европската унија, каде во овој период се извезени производи во вредност од 1,5 милијарди евра или 29,1% помалку од лани. Истовремено и најголем дел од увозот е од земјите од ЕУ или 48,5% од вкуониот увоз, кој во истиот период е намален за 23,5%.
Гледано по земји, најголем пад во првите пет месеци годинава од 44,6% има извозот во Белгија , извозот во Романија е помал за 39,9%, во Германија има пад од 36,1% и Италија со пад од 30,7%. На страната на увозот, најголем пад има увозот од Белгија од 44,3%, од Велика Британија од 39,6%, увозот од Италија има пад од 37,7%, увозот од Грција за 30,2% и увозот од Германија е намален за 26,2%.
Извозот во земјите од Западниот Балкан во првите пет месециизнесувал 229 милиони евра и е за 19% помал во споредба со истиот период лани. Увозот од земјите од Западниот Балкан за истиот период изнесувал 281 милион евра и бележи пад 6,3%.