Во мај годинава македонските компании оствариле извоз на производи на странските пазари во вредност од 770 милиони евра, што е за 4,9% повеќе во споредба со истиот месец лани.

Растот на извозот се должи пред се на растот на цените, бидејќи обемот на продадени стоки на странските пазари во мај е намален за 5,6%.

Вкупниот извоз од Македонија во петте месеци годинава, пак, изнесувал 3,6 милијарди евра, вредност поголема за 6% во споредба со извозот од петте месеци во 2022 година. Количински, пак, извозот во првите пет месеци годинава бележи пад од 4,8%.

Од вкупниот извоз во првите пет месеци, дури 1,6 милијарди евра или 44% го направиле компаниите кои работат во зоните.

Увезените стоки во мај годинава вределе 984 милиони евра, што е пад од 6,3% во споредба со мај минатата година.

Во исто време, во првите пет месеци годинава во земјава од странство се увезени производи вредни 4,6 милијарди евра, што е за 7,5% помалку во споредба на увезените стоки во истиот период лани. Тоа знали дека трговскиот дефицит во овој период изнесдува 1 милијарди евра, што е покритие на увозот со извоз од 77,3%. Трговскиот дефицит во првите пет месеци е намален за речиси 600 милиони евра или за 36% во споредба со трговскиот дефицит во истиот период лани.Тоа се должи пред се на големиот пад на вредноста на увезените нафтени деривати задари падот на цените на нафтата на светскиот пазар.

Од вкупниот увоз во земјава во периодот од јануари до мај годинава во вредност од 4,6 милијарди евра, 1,3 милијарди евра или 28,2% го направиле компаниите од зоните.
Ако се спореди со остварениот извоз, тоа значи дека компаниите од зоните создале нето извоз од 300 милиони евра, додека останатите компании надвор од зоните во истиот период имале трговски дефицит, или увоз поголем за 1,3 милијарди евра од извозот.