Во првата половина годинава македонската прехранбена индустрија извезла производи во вредност од 184,6 милиони евра, што е за 12,1% или за околу 20 милиони евра повеќе во споредба со првата половина од 2020 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Извозот на храна во првата половина годинава е поголем за 3,9% и од извозот пред пандемијата, односно во 2019 година, кога во првата половина од годинаата биле извезени стоки во вредност од 177 милиони евра.
Најголем дел од приходите од извоз од храна или 82,2 милиони евра се од извоз на свежо овошје и зеленчук и нивни преработки, што е речиси 45% од вкупниот извоз. Извозот на зеленчук и овошје во првата половина година вредносно е поголем за 10,4% во споредба со истиот период минатата 2020 година.
Од извозот на жита и преработки на жита, каде најголемо учество има извозот на кондиторски производи, во првите шест месеци годинава се остварени приходи од 40 милиони евра, што е за 12,3% повеќе во споредба со истиот период лани.
Голем раст од 34% има кај извозот на месо и преработки од месо, од што во првите шест месеци се остварени приходи од 21,1 милион евра. Најголем дел или близу 13 милиони евра отпаѓаат на извозот на јагнешко месо, чиј вредност првата половина годинава бил поголем за 70% во споредба со истиот период лани.
Извозот на млеко, млечни производи и јајца во истиот период изнесувал 11,1 милион евра и е за 9,1% поголем во споредба со лани.
Косово и Србија најголеми извозни пазари за македонската храна
Ако се анализираат податоците за извозот на храна од Македонија по земји, најголем извозен пазар бил Косово, каде во периодот од јануари до јуни годинава биле продадени производи во вредност од 23,2 милиони евра.
Втор најголем извозен пазар е Србија со извоз на производи 23,1 милион евра.
Италија била трет најголем извозен пазар каде во првите шест месеци биле извезени производи во вредност од 15,1 милион евра. Следат Хрватска со извоз на храна во вредност од 13,2 милиони евра, Русија со извоз од 11,8 милиони евра, Босна и Херцеговина со извоз од 11,1 милион евра, Романија со извоз од 8,8 милиони евра и Германија со извоз од 7,7 милиони евра.