Во првите четири месеци годинава од Македонија се извезени храна и живи животни во вредност од 108 милиони евра. Увозот пак на храна во овој период изнесувал 233 милиони евра. И додека извозот храна и живи животни во првите четири месеци годинава бележи пад од 5,4%, увозот во истиот период е зголемен за 7,5%.
Заради тоа трговскиот дефицит во првите четири месеци годинава достигна 124 милиони евра и е за околу 22% или за над 22 милиони евра поголем во споредба со истиот период лани.
Зголемувањето на увозот на храна ја намали покриеноста на увозот со извозот на 46,4%. Колку за споредба во текот на минатата година покриеноста изнесувала 54,7%.
Сепак прехранбениот сектор е еден од секторите кои имаат најмал пад на извозот во првиот квартал, ако се знае дека вкупниот извоз во овој период бележи пад од 21,6%, додека одредени сектори, посебно во оние кои се поврзани со автомобилската индустрија имаа многу поголем пад на извозот од над 30%.
Извозот на кондиторски производи изнесувал околу 18,4 милиони евра.
Извозот на зеленчук во првите четири месеци изнесувал 15,5 милиони евра, од кои најголем дел или околу 11 милиони евра отпаѓа на зелка, а околу 930 илајди евра е извозот на замрзанти пиперки.
Извозот на овошје изнесувал околу 13 милиони евра, од кои најголем дел отпаѓа на извоз на јаболки од 11,5 милиони евра и извозот на вишни во вредност од околу 700 илјади евра.
Понатаму од храна во првите четири месеци се извезени јагнешко месо во вредност од околу 6 милиони евра, сончогледово масло во вредност од околу 3,5 милиони евра, сладолед во врендост од околу 2,5 милиони евра.
На страната на увозот доминираат месото и прехранбените производи со повисока фаза на доработка.