Во периодот јануари до мај годинава од Македонија било извезено јагнешко месо во вредност од 12,3 милиони евра. Во споредба со истиот период лани, вредноста на извозот бележи пад од 6,5%.
Ако се анализираат количините на извезено јагне, тие бележат уште поголем пад годинава од 15%. Односно во периодот од јануари до мај годинава извезени биле 1.640 тони јагнешко месо во странство, додека во истиот период лани извезени биле 300 тони повеќе јагнешко месо.
Македонското јагне годинава се продавало само на седум пазари. Најголем пазар традиционално е Италија каде за првите пет месеци годинава било извезено јагнешко месо во вредност од 4,9 милиони евра.
Бугарија била втор најголем пазар со вредност на извоз од 3 милиони евра. Следат Хрватска со извоз од 2,9 милиони евра, Грција 988 илјади евра, Албанија со извоз од 266 илјади евра, БиХ со извоз од 152 илјади евра и Црна Гора каде годинава било извезено јагнешко само во вредност од 30 илјади евра.
По највисока цена македонското јагнешко се продавало во Италија, со просечна цена од 8,1 евра по килограм. Во Бугарија просечната извозна цена за македонското јагнешко била 7,2 евра за килограм, додека најевтино се извезувало во Албанија по 4,2 евра по килограм.
Годинава пред Велигденските празници, македонското јагне се откупуваше од откупувачите по цена од 180 до 200 денари за килограм жива мера.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека лани и 2021 година имало поголем извоз на јагнешко, барем вредносно со извоз од над 15,5 милиони евра. Највисока просечна извозна цена имало во 2022 година од 6,62 евра по килограм.
Бројот на овци преполовен во последните 20-тина години
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат и големо намалување на бројот на овци во Земјава. Во 2000 година бројот на овци изнесувал 1.250.686. Во 2022 година бројот на овци е преполовен и изнесувал 646.488. Во последните 23 години, најголем број на овци имало во 2004 година 1.432.369.