Во технолошко индустриските развојни зони, по првите два и во третиот квартал е регистрирано највисоко ниво на економска активност споредено со истиот период во последните четири години, покажува редовната анализа на ТИРЗ.
Во третиот квартал извозот е 696 милиони евра, што е највисок во последните четири години споредено со истиот период. Дополнително во првите девет месеци од 2021 е регистрирано највисоко ниво на извоз и увоз споредено со истиот период во изминатите четири години. Во периодот од јануари до септември годинава, извозната активност во индустриските зони достигна 2 милијарди 235 милиони евра што е за 39% повеќе од истиот период во 2020г, додека во однос на 2019 година порастот е околу 9%, односно 26,6% споредено со 2018. Се очекува ваквиот тренд да продолжи до крајот на годинава со што според проценките извозот може да достигне блиску до 3 милијарди евра годишно, што би било рекордно ниво досега.
Исто така, во првите девет месеци од 2021г вкупниот увоз во зоните изнесува над 2,225 милијарди евра и е за 56% зголемен во однос на истиот период лани односно 16 % во однос на 2019г, а над 50% во однос на 2018. И во однос на увозот е регистрирано највисоко ниво во однос на истиот квартал во секоја од изминатите четири години. Така увозот во третиот квартал од годинава достигна 690 милиони евра што е за 13% повисок од истиот квартал лани, односно за 22% повисок споредено со третиот квартал во 2019. Месечниот увоз во ТИРЗ во септември 2021 година го надминува месечниот увоз за истиот месец во изминатите четири години и е на ниво од 189 милиони евра. Споредено со септември 2020 година, увозот е поголем за 7%.
ТИРЗ е во фаза на воведување нови параметри во анализата за да се увиди колкав дел од увозот се должи на набавка на опрема, а колкав дел на суровини. Анализата посочува дека во период на зголемени инвестициски активности голем дел од увозот се должи на набавка на машини, опрема и нови технологии. Ова се одразува и на нето извозот, односно речиси изедначена покриеност на увозот и извозот во зоните. Заклучно со август нето извозот е во позитива од 0,70%.
Според анализата над 70% од компаниите работат во рамки на просекот или над него,  споредено со претходните месеци во 2021. ТИРЗ внимателно ги следи ризиците со глобалните ланци на снабдување и доколку е потребно ќе се предложат мерки за справување со можните последици.  Меѓу другото, во рамки на новиот концепт на привлекување на инвестиции ТИРЗ веќе применува диверзифициран пристап и привлекување инвестиции и од различни сектори.