Извозот на македонски производи во земјите од Западен Балкан (Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора) во првите три месеци годинава изнесувал 212 милиони евра, што е за 33% или за 53 милиони евра повеќе во споредба со истиот период.
Увозот од земјите од Западен Балкан во истиот период растел побрзо, односно е поголем за 38,6% или за 71 милион евра, надминувајќи вредност од 256 милиони евра.
Косово е втор најголем трговски партнер на Македонија од земјите од Западен Балкан, со вкупна трговска размена во првите три месеци годинава од 118 милиони евра, која е поголема за 51% во споредба со истиот период лани.
Косово е најголем извозен пазар за македонските компании на Западен Балкан, а трет најголем извозен пазар воопшто, после Германија и Бугарија. Во Косово во првите три месеци биле продадени стоки вредни 83,1 милион евра, што е за 36,7% повеќе во споредба со истиот период лани.
Македонија има суфицит, односно вишок во трговската размена со Косово од околу 48 милиони евра во првите три месеци годинава.
Најголеми приходи на косовскиот пазар се остварени од продажба на нафта и нафтени деривати во вредност од 26 милиони евра. Околу 10 милиони евра изнесува извозот на железо и челик. На косовоскиот пазар во периодот јануари-март биле продадени и пластични маси и производи од пластика во вредност од 9,8 милиони евра, кондиторски производи во вредност од 2,8 милиони евра, цемент и градежни материјали вредни 2,8 милиони евра и лекови во вредност од 2,6 милиони евра.
Косово е втор најголем извозен пазар за македонската храна, после Србија, а најголем извозен пазар за македонските кондиторски компании.
Од Косово во истиот период во Македонија биле увезени производи во вредност од 35 милиони евра, што е речиси двојно повеќе (106,4%) раст во споредба со истиот период лани, кога увозот изнесувал 16 милиони евра.
Речиси половина од увозот, или 16 милиони евра е вредноста на увезената електрична енергија во првите три месеци. Околу 5 милиони евра е вредноста на увозот на производи од железо и челик, од кои најголем е делот на цевки и шупливи профили.
Трета ставка во вредност од 2,7 милиони евра се отпадоци на железо и челик. Во овој период бил увезен и јаглен од Косово во вредност од 1,7 милиони евра.